Љубовната приказна на Евче и Александар Динев: „Бевме другари - кога тој престана да се труди да ме освои, јас направив прв чекор“
- Детали
- понеделник, 07 јули 2025
„Кога го снимивме видеото за свадбата сè уште не бевме заедно, беше шега, но многу луѓе поверуваа дека сме во брак. Добивавме честитки, но и неколку лути коментари од роднини кои беа навредени зашто не биле поканети на 'свадбата',“ - велат Ева и Александар за CRNOBELO.com за својата љубов.

Кога пред околу една година почнаа да споделуваат фотографии на кои се гледаат вљубено, блиските пријатели, но и јавноста дознаа дека водителката Ева Јовановска (21) и инфлуенсерот Александар Динев (21) веќе не се само пријатели, туку многу повеќе од тоа.
На 22 јуни 2025 тие прославија една година врска, а својата љубовна приказна ја раскажаа за CRNOBELO.com:

Како и кога почна вашата љубовна приказна и кој од двајцата го направи првиот чекор, зашто, вие бевте пријатели долго пред тоа?
Ева: Да, нашата љубовна приказна започна со пријателство, и тоа вистинско, искрено пријателство.
Околу една година бевме најдобри пријатели, буквално неразделни и се дружевме нон-стоп.
Во тој период на Александар веќе му се допаѓав, ама јас го гледав само како другар.
Не дека немаше хемија, туку едноставно не го гледав на тој начин, сè додека тој не престана да се труди да ме „освои”.
Иронично, моментот кога Александар престана да прави чекори беше моментот кога јас го направив својот, тоа е мојата логика.
Така што, технички, првиот вистински чекор да бидеме заедно го направив јас.
Неговите обиди претходно, иако слатки, беа неуспешни.

Евче, со што те освои Александар?
Ева: Уште при нашиот прв разговор, бев многу изненадена од неговата енергија - позитивна, топла и искрена.
Таква ведрина ретко се среќава кај луѓе, а Александар едноставно зрачи!
Токму таа негова енергија ме освои и привлече да го засакам пред сè како пријател, а и денес секојдневно успева да ми го направи денот поубав и повесел.

Александар, што те привлече тебе најмногу кај Ева?
Александар: Нешто кое секогаш ме привлекувало кај е Ева е нејзиниот смисол за хумор - нема момент да не најде начин да ме насмее.
Најјакото од сè е фактот дека многу добро се надополнуваме кога правиме шеги.
Исто така, ми се допадна тоа што Ева има самодоверба, цврсти ставови и не дозволува никој да ја погази - тоа е права дефиниција за зрела личност.

Ви беше ли чудно на почетокот на врската што сте заедно или само беше убаво продолжување на другарската љубов што ја имавте?
Ева: Искрено не беше чудно, мислам дека само ни дозволи да искусиме убав, здрав и нормален раст од другарство во животен партнер.
Сè си остана исто - и дружбата, и нашиот начин на комуникација, буквално сè!
Само сега е дури уште поубаво од претходно.

