Македонци истрчаа 450km од Инсбрук до Љубљана на тимска трка: „На влез во Словенија нè исплашија волци, завршивме за 34 часа“
Екипите беа поделени во две категории: професионални трчачи и рекреативци.
Ние настапивме во делот на рекреативци, кој и тоа како беше компетитивен, зашто скоро сите рекреативци се доста спремни за ваков вид трчање, особено од другите земји каде бавењето со спорт трае цел живот.


Нашата дружина броеше 15 луѓе од кои 8 трчачи и 7 луѓе за логистика и возење велосипед.
Имавме двајца наши другари кои живеат во Хрватска и тие ни се придружија по пат, кога патувавме со комбињата кон Инсбрук.
Едниот од нив возеше велосипед и воедно фотографираше, поради што имаме прекрасни фотографии од оваа наша авантура.


Патувањето кон Австрија започна на 04.06 за другарите од логистика, кои со две комбиња отпатуваа кон Инсбрук, а попатно во Крањска Гора да го изнајмат камперот кој беше нашиот подвижен дом за спиење, јадење и одмарање.
Останатите отидовме со авион до Меминген и од таму се спуштивме во Инсбрук.


На 06.06, во текот на денот, ги правевме последните подготовки и подготвувавме храна за следните два дена, која се состоеше главно од протеини и јагленхидрати, што во превод би значело многу паста и пилешки стекови, ориз, зеленчук, маслинки, вода, безалкохолни пијалаци за по пат и, секако, по некоја лименка домашно пиво спремно за прослава на крај.
Тука беше и средување на опремата за трчање по денови, затоа што мора сè да ти е при рака пред и по трчањето.


Исто така имавме и сијалици за на глава и светлечки елеци кои ги користевме за трчањата ноќе, како и дополнителната опрема за заштита од диви животни, како на пример, од мечки.
Ни беше кажано дека при влегувањето во Словенија, можеме да наидеме на мечки и добивме стриктни упатства што да правиме во таков случај, но мислам дека тогаш не би размислувале како по упатството што ни го дадоа.


Стратешки се определивме за 4 трчачи, еден шофер и еден велосипедист по комбе.
Имавме две комбиња на располагање, што значи 8 трчачи, 2 шофера и двајца велосипедисти.
Во камперот имавме уште тројца другари кои беа задолжени за негово управување.

