Љубовната приказна на Бојан Велевски и Каролина: „Се запознавме во диско - таа го викала келнерот, јас мислев ми наздравува“
Како ја запроси? Ѝ подготви ли некакво изненадување?
Ја запросив на нејзин роденден. Таа е од Западна Македонија од Битуше... имаше многу роднини, заеднички пријатели и во позадина одеше песната „Лазарополе таму најгоре“.
Тогаш клекнав и ја прашав „Дали сакаш да ги делиме пензиите заедно?“, таа рече ДА и оттука натаму се знае... веселбата замина на друго ниво.

Раскажи ми некој интересен момент од свадбата?
Па, прв интересен момент беше што имавме 350 гости, од кои 250 од кај Каролина и околу 100 од кај мене.
Второ - најстрого ми беше забрането да се доближувам до микрофон и до пејачот!
Превентивни мерки, од женска страна, ха, ха.

Имате син... Колку неговото раѓање ви ја зацврсти љубовта?
Војдан, има седум и пол години. Сега заврши прво одделение.
Тој си донесе со себе една поинаква динамика на живеење и обврски.
Многу е важно да се издржи тој притисок на почетокот и, секако, дека треба време да се навикнете како партнери.
Тука е важен карактерот и на двајцата. Ние со Каролина по природа сме „фајтери“ и дури и во најтешките моменти си бевме поддршка еден на друг.

Кој е поромантичен - ти или таа? Која е најубавата романтична работа што ја направила таа за тебе или ти за неа?
Па, што знам. И двајцата имаме романтика во себе.
На пример се сеќавам дека за еден мој роденден, бевме уште дечко и девојка, ме викна кај неа дома, ја имаше направено мојата омилена торта, беше дотерана изгледаше прекрасно и поминавме една романтична вечер.
Јас на пример, знаејќи дека е голем навивач на Јувентус, ја изненадив и ја однесов 5 дена во Торино да го шетаме градот и да го гледаме Јуве.

Колку години сте во брак? Како сега ги одржувате љубовта, страста, почитувањето?
Наредната година правиме десет години брак.
Како ја одржуваме љубовта? Па, ние двајца почнавме од нула... потекнуваме од работнички семејства.
Ние сме деца на онаа генерација која настрада во транзицијата. Задоволни сме со малку, односно малите нешта нè прават среќни и полека заедно, чекор по чекор градиме нешто наше.
Тоа заедништво ни ја одржува и љубовта и страста и почитувањето.

Што, според тебе, е важно за успешен брак?
Успешен брак бара жртва. Треба да си спремен на тоа дека честопати ќе треба другиот да го ставиш пред твоите желби или потреби.
И кога и двајцата го правите тоа за другиот, тогаш нема да имате поголеми проблеми во функционирањето.
Полесно е да се каже отколку да се направи, но морам да признаам дека јас ја имам поддршката од Каролина за сè што правам и за сè што допрва сакам да го изградам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
