Андреја Угреновиќ (15), нова надеж на македонскиот ракомет, за CRNOBELO: „Цел ми е да играм за Барселона“
- Детали
- среда, 23 јули 2025
„Сакав да бидам голман, но кога тренерот виде дека сум леворак, разговараше со моите родители да ме убедат да играм десно крило, зашто во ракометот секогаш има потреба од левучари“, вели Андреја Угриновиќ, кој од следната сезона ќе игра за младинскиот шампион на Германија.

Андреја Угреновиќ (15) од Струга, живее во Грац, Австрија. Тој неодамна заврши прва година средно во спортската гимназија Oeverssee, како и ракометна академија HIB.
Младото момче е голема надеж на македонскиот ракомет и деновиве со нашата младинска репрезентација настапува на Европскиот младински олимписки фестивал - ЕМОФ, Скопје 2025.

За љубовта кон ракометот, спортските идоли и големите ракометни желби, тој ни раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Од каде љубовта кон ракометот? Кои ти се првите сеќавања за допирот со топката?
Бидејќи сум леворак играм позиција десен бек. Ракометот е околу мене од кога памтам за себе.
Почнав да се занимавам најпрво рекреативно од околу 8 години.
Првите неколку тренинзи сакав да бидам голман, кога тренерот виде дека сум левак, па веднаш разговараше со моите родители да ме убедат да не бидам голман, бидејќи во ракометот секогаш има потреба од левучари.
Така мојата голманска кариера траеше само неколку тренинзи, ха, ха.
Одлуката дека сакам да станам професионалец и дека ќе успеам во тоа ја донесов кога имав 12 години.

Дали некој друг во твоето семејство се занимава со (овој) спорт или ти си првиот? Колкава беше поддршката од семејството?
Мојот татко беше голман, а мојот чичко беше десен бек во РК Струга.
Без поддршката од моето семејство не би имал волку голем напредок како играч, но и во мојот општ развој.
Иако моите имаат доверба во мене и моите желби и планови, за секоја одлука, промена или проблем, најпрво разговараме и заедно го бараме најдоброто решение.
Поддршка имам во секој поглед.

Што ти е најтешко, а што најзабавно на тренинзите? Колкупати дневно тренираш?
Најтешко ми е да тренирам без топка, не дека е тешко физички или напорно, туку топката ме прави среќен!
Исто така, конкуренцијата со колегите, каде што се борам и работам секој тренинг максимално.
Имам по два тренинга секој ден, а преку викенд понекогаш имам и две утакмици.

Дали би сакал еден ден да заиграш и за сениорската репрезентација?
Секако дека би сакал да играм за сениорската репрезентација, би ми било голема чест да ја претставувам мојата држава на светската сцена, но исто така и во клупскиот ракомет.
