Андреја Угреновиќ (15), нова надеж на македонскиот ракомет, за CRNOBELO: „Цел ми е да играм за Барселона“
Кој ти е ракометен идол?
Мојот идол е Алекс Душебаев. Од него имам многу научено, неговиот стил на игра е непредвидлив, се чини дека може да изведе што и да замисли и е многу креативен.
Но секако дека учам многу и од сите добри играчи како што се Лазаров, Гидсел, Мем, Ласе Андерсон, Пранди итн.

Ќе играш со младинската репрезентација на сегашниот олимписки шампионат во Скопје. Првпат ли настапуваш во оваа категорија и колку си возбуден? Кои се очекувањата од шампионатот?
Ова е мој прв настап на ваква сцена, а воедно и мој прв настап за репрезентацијата на Македонија.
Возбуден сум многу во позитивна смисла. Ние како тим имаме многу позитивна енергија и вложивме многу труд во нашите подготовки.
Мислам дека можеме да изненадиме и да го завршиме фестивалот со добар успех.

Каде играше до сега? А по летото, каде ќе те одведе кариерата?
Најпрво почнав во Металург, подоцна во 2019-та кога се преселивме со моето семејство во Австрија отидов во HSG Graz каде што играв 3 години.
Во 2022/2023 преминав во HIB Handball Graz каде што играв до крајот на годинешнава сезона.
Следнава 2025/2026та сезона почнувам ново поглавје во мојата кариера - пролетта бев во контакт со неколку европски клубови, со што отидов на контролни тренинзи во THW Kiel и HC Erlangen, а на крај донесов одлука да играм за младинскиот шампион на Германија за 2025та HC Erlangen.

Дали училиштето „трпи“ понекогаш поради кариерата, или ти прогледуваат низ прсти?
Училиштето секогаш трпи поради кариерата, не е едноставно да се избалансираат двете, но сепак имам одлични оценки и се трудам толку колку што ми дозволува ракометот, бидејќи тоа ми е приоритет.
Но, сепак, морам да матурирам.

Ти си тинејџер, па дали освен за спортот наоѓаш време за оние обични тинејџерски работи - дружење со врсниците, кино, некое кафе можеби, симпатија, девојка...?
Исто како и со школото, моите другари и другарки знаат дека тренингот, натпреварите, спиењето и регенерацијата ми се на прво место.
Кога имам слободно време со задоволство се дружам, иако е ретко.
Не сум тип што му фали или има потреба од излегување до доцна.

Во кој клуб би сакал да заиграш еден ден? За каде мечтаеш?
Мислам дека во тоа не се двојам од секој што фатил ракометна топка во раце и би сакал да играм во германската Бундес лига, како најсилна лига во светот.
Како мал мечтаев, но сега веќе моја цел е Барселона.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело