Драгана Серчевска - докторка од Куманово со одличен моден стил, страст за патувања, книги и фотографија
- Детали
- вторник, 12 август 2025
„Уште од мали нозе сум чувствувала силна поврзаност со грижата за здравјето на жената и со поддршката што ѝ е потреба во најинтимните и најсвети моменти како бременост, раѓање и мајчинство“, вели Драгана Серчевска од Куманово и вели дека токму затоа одлучила да специјализира гинекологија и акушерство.

Драгана Серчевска (30) од Куманово е доктор по општа медицина и специјализант по гинекологија и акушерство на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, а вработена е во Општа болница Куманово.
Таа е личност која верува дека најголемата моќ на медицината е човечноста.
Има впечатлив моден стил, ужива во секое свое хоби и животот го живее со полн здив.
За изборот на професија, но и за нејзиниот моден стил и страст кон фотографија, патувања и спорт Драгана открива за CRNOBELO.com:
„Уште од мали нозе сум чувствувала силна поврзаност со грижата за здравјето на жената и со поддршката што ѝ е потребна во најинтимните и најсвети моменти како бременост, раѓање и мајчинство.
Токму затоа мојата професионален избор дојде природно - гинекологија и акушерство.

Покрај медицината, мојата личност ја надополнуваат и неколку страсти, меѓу кои модата, која ја доживувам како начин на изразување.

Мојот стил на облекување е одраз на мојата личност. Тој е софистициран, женствен и секогаш внимателно одбран, затоа што верувам дека првиот впечаток е важен, особено во професијата која бара доверба и почит.

Спортот, особено вежбањето во теретана и пешачењето, ми помагаат да останам фокусирана и енергична, како и здравиот начин на живот кој го негувам и како лична вредност и како совет до пациентките.

Една од моите најголеми страсти е фотографирањето, особено природата, патувањата и моменти што пренесуваат емоции.
Преку фотографијата учам да гледам детали, да забележувам работи што на прв поглед се невидливи.

Многу сакам да патувам, да истражувам нови места, нови култури, различни начини на живот.
Тоа ме збогатува како личност и ми помага да останам отворена, флексибилна и секогаш подготвена да учам нешто ново.

Сакам да читам разнолика литература - од стручни медицински трудови до психолошки и мотивациски книги и современи романи.
Верувам дека преку читањето се збогатувам, не само интелектуално, туку и емоционално.

Активно учествувам на конгреси и стручни собири поврзани со гинекологија и акушерство, придонесувајќи кон размена на знаења и унапредување на струката.

