Драгана Серчевска - докторка од Куманово со одличен моден стил, страст за патувања, книги и фотографија
Верувам дека професијата гинеколог не е само медицинска, туку и емпатична.
Таа бара не само знаење и искуство, туку и вистинска посветеност, доверба и способност да се биде поддршка во најемотивните фази од животот на жената.

Мојата цел е да бидам таа личност - гинеколог кој не само што лекува, туку и разбира, охрабрува и инспирира.

Во оваа професија се спојуваат моите вредности: грижата за другите, емпатијата, дисциплината и постојаната едукација.

Секоја жена е посебна, секоја приказна е различна и токму тоа ме мотивира постојано да учам и да се усовршувам како лекар и како личност.

Пред да се насочам кон гинекологија и акушерство, работев во педијатриска поликлиника, каде што имав можност да стекнам длабоко разбирање за детското здравје, како и за комуникација со млади родители и бремени жени.

Работата со деца бара внимание, трпение и искрена посветеност, квалитети што ги пренесувам во гинеколошка пракса каде што е многу важна довербата и емоционалната поддршка. Верувам дека тоа искуство ме направи покомплетен лекар и личност.

Моето мото е „Таму каде што започнува нов живот - таму сум јас“ и „Да оставиш трага, не само како лекар, туку и како човек“.



