Лиде Стојановска, туристички водич: „Од пиење ракија и пастрмајлија, до восхит од Свети Наум - странците уживаат кај нас“
- Детали
- вторник, 26 август 2025
„Странците ги фасцинира тоа што тука времето тече побавно, има автентичност што ја немаат во модерните европски градови и што сè уште можеш да најдеш домаќин кој ќе те пречека со ракија и пита. Сакаат дури да си купат куќа на село за во пензионерските денови“, вели Лиде Стојановска (34) и за CRNOBELO.com споделува какво искуство има со Шпанците, Германците, Французите итн.

Лиде Стојановска (34) oд Кратово работи како туристички водич во Македонија веќе 13 години, а за својот роден град вели дека го обожава и дека најголемо задоволство ѝ претставува кога им го покажува на туристите.
Таа сега најчесто е во Скопје, Охрид и на пат поради нејзините работни обврски, но вели дека ја обожава својата професија - туристички водич.
Инаку, Лиде е дипломиран преведувач и толкувач на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, по англиски, француски и шпански јазик, а има магистрирано на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје.
За работата како туристички водич и искуствата со странците, таа споделува за CRNOBELO.com:
Кое е твоето омилено место во Македонија, кое најмногу сакаш да го покажуваш на туристите?
Моето омилено место е, секако, Кратово – мојот роден град.
Не само поради емоционалната поврзаност, туку и затоа што е вистинско живо сведоштво на историјата, фолклорот и архитектурата.
Со своите средновековни кули, камени мостови и калдрмисани улици, Кратово секогаш остава впечаток, и на мене и на туристите.

Кое место најмногу ги изненадува странските туристи кога ги водиш таму?
Најчесто тоа е Свети Наум и манастирскиот комплекс со изворите на Црн Дрим.

Тие остануваат без зборови од природната убавина, тишината и мистиката на местото.
Истото важи и за Кокино – многумина не очекуваат таква древна астрономска опсерваторија среде ридовите.

Кои локации според тебе се најмалку познати, а сепак вредни за посета? Има ли некое место што би го опишала како „скриен бисер“ на Македонија?
Секако, тоа се црквата Злата Мегленска и манастирот Света Петка во околината на Каврак.
Многу малку луѓе ги знаат, но тие се духовни, историски и природни бисери.
Исто така, селото Лесново со манастирот Свети Гаврил Лесновски е прекрасно, но недоволно посетено.

Кои градови или села се најпосетени на твоите тури и зошто токму тие?
Охрид, Скопје и Битола секогаш се на врвот поради богатата историја, уметност и атмосфера.
Но и местата како Матка, Кратово и Свети Наум стануваат сè попопуларни – нудат уникатна комбинација од природа, култура и автентичност.

Какви се туристите што доаѓаат во Македонија – од кои земји најчесто доаѓаат?
Најчесто работам со гости од Шпанија, Франција, Германија, САД и Израел.
Интересот расте и од Италија, Холандија и Полска. Туристите се најчесто љубопитни, отворени и изненадени колку мала, но богата со убавини земја сме.

Што најмногу ги привлекува во Македонија – храна, култура, историја, природа?
Сè по малку! Но, би рекла дека најголем впечаток им оставаат природата и искрената човечка топлина.
Ги фасцинира тоа што тука времето тече побавно, има автентичност што ја немаат во модерните европски градови и што сè уште можеш да најдеш домаќин кој ќе те пречека со ракија и пита.

Кое македонско јадење најмногу им се допаѓа на туристите според твоето искуство?
Пастрмајлија (или како што велиме во Кратово – пастрмајка), ајварот, тавче-гравче и шопската салата се апсолутни фаворити.
Ги обожуваат и домашните пити, особено ако се направени пред нив.
