Елизабета Ристовска: „На градата си открив вдлабнатинка со грутче, помислив рак - што ќе прави ќерка ми (9) без мене?“
- Детали
- четврток, 14 август 2025
„Првото прашање по дијагнозата што ми се моташе во глава беше што ќе прави Доротеа, мојата ќерка без мене, за која се грижам само јас. Тогаш таа имаше само 9 години, но ми го даде најголемиот мотив со зборовите ‘Ти си појака од ракот мама, ќе го решиш’, вели Елизабета Ристовска (43) од Скопје.

Елизабета Ристовска (43) од Скопје е сопственик на компанија и транспорт менаџер. Таа изминатите години се справуваше со најтешките животни предизвици рак, на дојка, хемотерапија, операции и што уште не.
Но, во оваа тешка борба вели дека најголемата светлина и сила ѝ била нејзината ќерка Доротеа (13), за која таа се грижи сама.
Елизабета ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
На колку години ја доби првпат дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
Веста дека имам потстанар, односно дијагнозата рак ја добив на 31 август 2021 година, а оперативниот зафат при што ми е отстранета цела дојка се случи истата година на 13 септември.
Среќа во несреќа беше што при самопреглед осетив под прстите вдлабнатинка во која имаше грутче. Веднаш знаев што е, иако немав никакви симптоми.

Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето? Како ја претстави ситуацијата пред ќерката?
Во првиот миг цел живот ми помина пред очи, како на филм, и првото прашање што ми се моташе низ глава беше што ќе прави Доротеа, мојата ќерка без мене, за која се грижам само јас.
Тогаш таа имаше само 9 години и морав да се соземам од првичниот шок.
Ги собрав најблиските, им реков денеска исплачете се сите и од утре не сакам да гледам во вашите очи страв, сожалување или болка, од утре јас вртам нов лист.
Ќерка ми, иако релативно мала, ми го даде најголемиот мотив со зборовите „Ти си појака од него мама, ќе го решиш“.
Следуваше процес на хемотерапии, кои ги поминав релативно добро, затоа што немав друга опција, морав да бидам јака да се изборам, да бидам мајка која ќе биде пример за своето дете, дека откажување нема ни во најтешките мигови.

Беше ли стресно губењето на косата?
Единствениот пат кога пролеав солзи беше денот кога морав да ја избричам главата, косата веќе паѓаше во огромни прамени.
Со години ја негував долгата руса коса и одеднаш шок… Не можев да ги отворам очите и да се погледнам во огледалото.
Кога конечно ја исплакав последната солза, отворив очи и на мое пријатно изненадување и не изгледав толку лошо.

Од тој ден порасна самодовербата и заедно со надежта и верата во Бога одевме од ден во ден од предизвик во предизвик.
Следеа уште 2 операции, ми ги отстранија матката и јајниците поради бениген тумор и поради хормонски зависен рак, кој носи ризик за рецидив, а една година подоцна и ми ја отстранија и жолчката, која настрада од терапиите.
Кога помислив дека сум ја добила првата рунда во рингот следеше нов шок - метастази на бели дробови и нова рунда хемотерапија.

Што значи да се прима хемотерапија? Имаше ли негативни ефекти, како се справи со истите?
Хемотерапија не е само третман. Таа е ураган што минува низ телото, но и доказ дека сè уште се бориш.
Хемотерапијата не е само лек — таа е војна. Тоа е системски третман што ја напаѓа болеста, но за жал, не прави разлика меѓу „лоши“ и „добри“ клетки.
Се прима преку инфузија, таблети или инјекции. И да, звучи едноставно на хартија, ама реалноста е брутална. Телото се чувствува како бојно поле.
Мачнина, повраќање, замор што не се споредува со обично „уморен сум“.
Губење апетит, промени во кожата, болки во коските, ослабен имунитет. Списокот е долг.
Како се справуваш? Со тврдоглавост, љубов, шеги дури и кога не ти е до смеење и со луѓе околу тебе што ќе те држат кога ќе паднеш.

