Мери Амбросова за самохраното родителство: „Не смеев да се распаднам, ниту да се разболам – ќерка ми зависеше само од мене“
- Детали
- четврток, 07 август 2025
„Таткото на мојата ќерка јасно изрази дека сака да се разделиме и почнав да се подготвувам за живот сама со мојата ќерка Марта (7). Требаше да се отселиме до април, но војната во Украина се случи во февруари 2022 и заминавме за Македонија. Немавме свој дом тука, првично бевме сместени кај моите родители. Првите шест месеци татко ѝ не се ни јавуваше на телефон. И тогаш, не по избор, туку од реалноста – почна моето родителство како самохрана мајка“ - раскажува искрено за CRNOBELO.com Мери Амбросова.

Мери Амбросова, психолог и коуч за партнерски односи, има студио за холистички пристап, а освен што помага на жени и мажи да изградат свесна и здрава љубов и односи, таа и преку својот пример покажува како изгледа тоа.
Во 2017-та љубовта ја однесе во Украина, каде ја роди ќерката Марта, а во 2022, привлече внимание кога започна војната и сама со автомобил се врати со ќерката во Македонија, каде работи активно на кариерата.

Прочитајте и Мери Амбросова: „Ќерка ми отиде првпат кај татко ѝ во странство – морав да ја спремам за живот со друга жена“
Сега, во интервју за CRNOBELO.com, таа искрено зборува за нејзината семејна приказна, разјасни како дошло до разделбата со партнерот и како оттогаш го живее животот како самохрана мајка, давајќи го најдоброто за 7-годишната ќерка Марта.
Сосема искрено, таа опишува како е да се вратиш без дом, без сигурност и без план – но со јасна цел: да создаде стабилен, топол живот за своето дете. Без оправдувања, без жалење, само со сила и љубов.
За родителството без поддршка од таткото на почетокот, за секојдневните предизвици – од финансиски притисок до емоционална издржливост и градење здрави односи, Мери раскажува за CRNOBELO…
Како се случи да останеш сама со ќерката? Во кој момент сфати дека ќе треба да се грижиш сама за неа (без помош од таткото)? Беше ли подготвена на ова или се случи неочекувано со твоето враќање од Украина?
Во септември 2021 година, таткото на мојата ќерка Марта јасно изрази дека сака да се разделиме.
Тоа беше тежок, но свесен момент, во кој почнав да се подготвувам – внатрешно и практично – за живот сама со моето дете. Живеевме во Киев, и договорот беше јас и Марта да се отселиме до април 2022 година.
Но во февруари дојде војната. И сите планови се сменија преку ноќ. Со Марта заминавме за Македонија – без јасно чувство каде продолжува нашиот живот. Немавме свој дом тука, првично бевме сместени кај моите родители.
Првите шест месеци татко ѝ не се ни јавуваше на телефон – едноставно, не беше присутен. Ни физички, ни емоционално. И тогаш, не по избор, туку од реалноста – почна моето родителство како самохрана мајка.

Со какви предизвици се соочи откако остана самохрана мајка? Кој ти беше најголемиот страв во тој период?
Страв – не би рекла дека имав. Имав чувство на силна мобилизација, дека морам да се справам со сè, какво и да е.
Кога си со дете и си сам, не размислуваш далеку. Фокусот оди на краток рок – „Што морам денес да решам? Што утре ќе биде критично?“.
Предизвиците беа конкретни и секојдневни – да најдам градинка за Марта, да обезбедам стабилно живеалиште, да се вклопам во новата средина, и притоа да обезбедам приход.
И сето тоа се случуваше во земја што некогаш ми била дом – но сега ми беше туѓа. Ми требаше време да се прилагодам и да прифатам дека тука ќе почнеме нов живот.
Паралелно со тоа – процес на емотивна адаптација и грижа за едно мало дете кое исто така преживува преселба, губење, промени.
Не ми беше дозволено да се распаднам – затоа што имав малечка личност покрај себе која зависеше од мене. И тоа ти дава сила, дури и кога си најуморен.

Како се справи со тешкотиите и предизвиците? Ти требаше ли време да се навикнеш на состојбата, да застанеш на нозе, имаше ли поддршка од семејство, пријатели?
Почнав да барам примери на жени кои успеале сами. Жени кои самостојно ги растеле своите деца, кои изградиле нов живот од почеток. Читав такви приказни и си велев: Ако тие успеале – ќе успеам и јас.
Кога дојдов во Македонија, се чувствував како странец во сопствената татковина. Како да не припаѓаш ни тука, ни таму. Луѓето ти се блиски, а сепак начинот на живот, динамиката, вредностите – различни. Ми требаше време да се адаптирам.
Но имав и многу поддршка. Од моето семејство, пријателите, па дури и од моите следбеници на Инстаграм. Општеството во Македонија покажа голема топлина.
Марта беше примена во градинка со отворени раце, и учителките таму ѝ помогнаа да се вклопи во новата средина со љубов и разбирање.

Како успеа да избалансираш помеѓу домашните обврски и одгледување на ќерката и градење кариера? Како се одвиваше тој период?
Кај мене сè беше слеано. Знаев уште од почеток дека класична работа со работно време од 8 до 16 часот нема да биде изводлива – бидејќи бев сама со дете и сакав и да заработувам и да бидам присутна мајка.
Тоа не беше лесна одлука, но беше единствената што ми овозможуваше слобода и флексибилност.
Уште додека живеев во Киев, работев онлајн со македонска публика преку Инстаграм. Во тој период бев активна на две полиња: постпородилен фитнес и теми поврзани со женска енергија и женска психологија.
Но со доаѓањето во Македонија, дојде и природна транзиција – не само на место и статус, туку и во професијата.
Требаше да одлучам: дали ќе продолжам со фитнесот или ќе се насочам целосно кон психологија и духовност. Постепено, сè повеќе се пронаоѓав во психолошката работа – и така започна новото поглавје.

Почнав активно да се надградувам и да го градам мојот професионален идентитет како психолог и терапевт.
Подоцна ги воведов и енергетските масажи – буквално почнувајќи од троседот на кој спиевме со Марта во изнајмен стан.
Без простор, без сигурност – само со вера и искрена намера. Потоа изнајмив мала соба во студио, а денес веќе имам свој простор, студио за холистички пристап, каде што работам консултации и масажи.
Кога си во ситуација каде што сè зависи од тебе – немаш луксуз да се откажеш. Мотивот ми беше јасен: Јас и Марта.
Сакав да создадеме стабилен живот, во кој ќе има повеќе од само основни услови. Сакав таа да расте во атмосфера на љубов, учење и сигурност.

Како тогаш ѝ ја објасни на ќерката целата ситуација? Како ѝ го претстави тоа и како го прифати? Постои ли вистински начин за тоа или зависи од ситуацијата?
Кога дојдовме во Македонија, Марта сè уште беше во шок од наглата промена – ново место, нов јазик, нови луѓе.
Во тој период не поставуваше многу прашања. Ја прилагодував постепено – прво со тоа дека сега живееме тука и назад во Киев нема да се враќаме. А потоа, дека и татко ѝ живее на друго место.
Некаде околу шест и пол години почна да прашува подлабоко – зошто не сме заедно со татко ѝ, зошто не живееме сите тројца.
Тогаш веќе можев да ѝ објаснам на едноставен и вистинит начин – дека љубовта меѓу мене и татко ѝ завршила и дека тоа се случува и кај возрасните.
Дека не е ничија вина, дека ние остануваме нејзини мајка и татко, и дека таа секогаш ќе биде сакана.
Нема „вистински“ начин – има искрен, топол и прилагоден начин. Она што го научив е дека децата имаат способност да разберат многу повеќе од што мислиме, ако им зборуваме со почит и љубов.

