Мери Амбросова: „Ќерка ми отиде првпат кај татко ѝ во странство – морав да ја спремам за живот со друга жена“
- Детали
- четврток, 24 јули 2025
„Марта отиде кај татко ѝ – 13 дена во странство. А дента кога ја испраќав, преку мое прашање дознав – треба да ја спремам и за живот со друга жена. Понекогаш е тешко – не затоа што некој си нашол нова жена, туку затоа што додека ти трчаш секој ден – по активности, школо, сметки, работа – некој друг си живее нормално. Но ја спремив Марта. Да се однесува културно. Да ја почитува и другата жена. Зашто јас сум нејзиниот пример“ - пишува Мери Амбросова, која во 2022 си дојде со ќерката од Украина во Македонија, а денес ја испраќа за првпат кај татко ѝ.

Мери Амбросова е психолог и коуч за партнерски односи, која помага на жени и мажи да изградат свесна и здрава љубов.
Освен што им помага на паровите преку терапии и обуки, таа и преку свој пример покажува како треба да изгледаат здрави семејни односи, дури и ако парот повеќе не е заедно, а има заедничко дете.
Во интервју за CRNOBELO.com во 2020-та таа ни раскажа дека во 2017-та љубовта ја одвела во Украина, каде ја роди ќерката Марта, а во јавноста привлече внимание кога во 2022, кога започна војната, сама во автомобил со ќерката тргна да се враќа во Македонија.
Оттогаш таа активно работи на градење на кариерата, но и на профилите на социјалните мрежи каде често споделува совети пред илјадници следбеници, а во меѓувреме, сама ја одгледува и расте ќерката.
Сега, на својот профил, Мери напиша емотивна порака, во која откри дека ја испраќа Марта за првпат сама кај татко ѝ во странство.
Но, освен што ја подготвува за патот и за престојот без мајка си, таа вели дека непосредно пред патувањето, морала да ја подготви и за живот со друга жена.
Како психолог кој работи со чувствителни теми за семејни односи, Мери се справила со ситуацијата зрело и нејзината постапка е инспирација за сите родители кои се соочуваат со истото.
Прочитајте ја нејзината објава:
Марта отиде кај татко ѝ – 13 дена во странство.
Првпат воопшто. И првпат толку долго ќе биде со него.
А дента кога ја испраќав, преку мое прашање дознав – треба да ја спремам и за живот со друга жена.
Понекогаш е тешко –
не затоа што некој си нашол нова жена, туку затоа што додека ти трчаш секој ден – по активности, школо, сметки, работа – некој друг си живее нормално.
Без да мора да „носи“ сè.
Но ја спремив Марта.
Со љубов. Со доверба. И со вредности.
Да се однесува културно. Да ја почитува и другата жена.
Зашто јас сум нејзиниот пример.

Да – мене ми беше тешко.
Но и тоа е дел од мајчинството.
Ние често ја чуваме стабилноста на светот – тивко, без многу зборови, додека сите мислат дека можеме сè.
Ова не е жалење.
Ова е само потсетник:
И ние мајките понекогаш се чувствуваме ранливо.
Предадено. Оставено настрана.
И тоа е човечки.
Но сè додека се потпираме на сопствените вредности – можеме да водиме со љубов.
А можеби еден ден – и јас ќе бидам „на нејзино место“.
И ќе посакам некој да не ми прави проблеми. Да ме прифати без драми.

