Љубовната приказна на Иван Јованов и Ивана: „Со неа од почеток имав чувство дека конечно го сретнав својот човек“
Дали веднаш знаеше дека таа е вистинската или со текот на времето сфати дека сте создадени еден за друг?
Имав некое чувство уште од почеток, ама не сакав веднаш да го „етикирирам“.
Со текот на времето, преку сите мали моменти, кога ми беше поддршка, кога молчевме заедно, кога се смеевме без причина, сфатив дека таа е мојот човек. Без двоумење.

Раскажи ми некој интересен момент од свадбата?
Со Ивана само се регистриравме, а свадбата ни е закажана за лето 2026, така што - уште сме во фазата на подготовки и планирање.
И искрено, тоа е цела авантура сама по себе! Сѐ правиме полека, без притисок, затоа што сакаме денот да биде баш наш, полн со енергија што нè претставува.
Ивана веќе има „тајни папки“ со идеи и инспирации, нормално, а јас сум задолжен за... логистичките чуда.

Имате ќерка... Колку нејзиното раѓање ви ја зацврсти љубовта?
Невозможно е да се опише тоа чувство. Како љубовта да доби ново лице, ново значење.
Таа ни покажа колку сме посилни заедно, колку сме поврзани.
Секој ден со неа е благослов, а гледајќи ја Ивана како мајка, се вљубувам во неа одново.

Кој е поромантичен - ти или таа? Која е најубавата романтична работа што ја направила за тебе?
Без размислување - Ивана е поромантична! Таа е тип што ќе ти организира изненадување за нешто што си го спомнал еднаш пред три години, а ти дури ни не се сеќаваш дека си го кажал.
Памти датуми, ситници, моменти што за мене биле „ајде бе, ништо посебно“, а за неа цело сценарио за изненадување.
Па така, не можам да издвојам кое ми е најубаво изненадување, но можам да кажам дека скоро ме изненади и ќе ме носи на патување во Рим бидејќи знае дека ја обожавам Италија, а посебно Рим.
Јас, пак, сум малку подиректен - купувам подарок и си мислам: „Еве, љубовта ми е на дело“.
Не сум за поезија и свеќи, ама се трудам на мој начин. Така што, таа е романтичарот, а јас сум логистиката.

Што, според тебе, е важно за успешен брак?
Комуникацијата. Искреноста. Почитта. Според мене една врска никогаш не е 50-50.
Денес јас ќе дадам 70%, Ивана 30%, утре јас 40%, Ивана 60%.
Не секогаш ќе биде лесно, но кога и двајцата се трудат, кога постои вистинско пријателство и љубов, тогаш секој предизвик е само нова можност да пораснете заедно.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело