Горан Трифуновски-Пајак: Со предрасуди сум се соочувал најчесто од луѓе со фрустрации!
- Детали
- вторник, 23 септември 2025
Горан, е дипломиран актер, магистер по режија, музичар, вљубеник во цртањето. Го гледавме во филмови како До Балчак, Исцелител и Лазар, а оваа година со твојот рок бенд Пеперминт слави 25 години постоење, исполнети со многу хитови.

Секогаш интересен соговорник кој во својата кариера се борел со различни предизвици и предрасуди, и кој два се од себе да го направи овој свет подобро место за живеење за сите нас.
Кога ќе ги погледнеш сите твои професионални искуства, што е она што најмногу те исполнува, кои вредности ги носиш низ својата работа и на кој начин ги спојуваш сите овие уметнички патишта?
Кога зборувам на оваа тема, секогаш без исклучок ми доаѓа мислата дека буквално се што сум направил во било која сфера, без разлика за која област станува збор, знам дека за сите предизвици со кои сум се соочил сум барал одговор, дали моето решение ќе биде лек или отров. Сум се обидувал да биде лек и многу сум внимавал во однос на ова. Се разбира никој не е совршен и понекогаш може да се случи да не бидам во најдобро расположение поради X причини, поради случките во животот, поради постојаните борби со кои мислам дека секој од нас се соочува, па во ваквите случаи се обидувам да не донесувам брзоплети решенија, да не ми биде јазикот пред разумот.
Баш заради ова многупати сум правел музички дела, текстови, или некаков јавен настап со големо внимание да не биде негативен пример или неубава атмосфера за публика или непријатна атмосфера за слушателот или читателот, па затоа и некои од нив завршиле со “shift-delete” или никогаш не го виделе светлото на денот. Отсекогаш сум сакал (иако сум свесен дека е тоа реално невозможно во таа мера во која што јас сакам) да го направам овој свет подобро место за живеење за сите нас и да дадам се од себе да дејствувам мотивирачки преку уметноста, доброто, правдината и вистината да победат на крајот, односно да бидат еден универзален лек за севкупното убаво чувство.
Тешко ми е да се определам за музика, филм, актерство, режија или цртање затоа што сите овие се еднаков дел од мене. Но морам да кажам дека сето ова во текот на годините научив да го гледам како некаков вентил од кој излегува истата струја и единствено треба да се одбере точното орудие во зависност од целта идејата и задачата.
Со кои предрасуди си се судрил низ твојот професионален пат? Како си ги надминал?
Можеби пред да почнат луѓето да ме препознаваат по мојата музика или од некој филм или претстава, со мојот несекојдневен имиџ често добивав осудувачки погледи кога одев во училиште или во некоја продавница и можеби тоа играше пресудна улога во мојата одлука да се бавам со јавна професија сакајќи да докажам дека “и јас сум ок” и дека немам лоши намери туку напротив. Како и да е еден од фактите кој ми дава сила да продолжам со она што го правам е дека (според моето досегашно искуство) вистината на крајот излегува – секогаш и дека доброто на крајот победува.

Инаку, се разбира дека отсекогаш имало препреки, имало борба но кога најмалку сум се надевал се случувале “мини чуда” и работата ја покажала убавата страна и секако мирот и спокојството после убаво исполнетата мисија. Сум се соочувал со предрасуди од типот на недоверба од страна на луѓе кои всушност имале сопствени нерешени несигурности и фрустрации и биле сосем некомпетентни да се постават како судии над она што е ок а што не. Проблемот бр.1 - тоа што живеам во земја која што пред се, нема многу работи расчистено со самата себе. Тоа што кај нас на уметноста се гледа повеќе како на некакво хоби и забава.
Неистрајноста на некои од луѓето кои сум ги сметал за свои соработници, а не биле. Ми пречела недовербата на некои луѓе иако ова го правам повеќе од 30 години и можеби предрасудите кон мојот имиџ во однос на сериозноста на работата која сум ја извршувал и покрај тоа што сум оставил доста материјал зад себе и се надевам доволно сум се докажал. И се разбира тоа што овде сите работи се одвиваат на еден многу чуден и искомплициран начин кој би можеле да го разберете ако се обидете да се бавите со уметност токму на овој дел од планетата земја.
Според тебе, на кој начин музиката и уметноста можат да влијааат и да помогнат да ги рушиме бариерите, предрасудите што се движат меѓу луѓето во нашето општество?
Секоја генерација носи едно свое движење, rock`n`roll, punk, jazz, electro, new wave, jazz, hip-hop итн; но овде сме сведоци на промоција на една те иста музика од екс Ју просторите, во секој автобус, мини-маркет, самопослуга, фризер. Моето чувство е дека сите ние сме заглавени во еден екс Ју loop и тоа веќе подолго отколку што е нормално. Секако дека не ми е ни на крај памет да се мешам во било чиј вкус, затоа што правото на избор е неограничена сопствена слободна воља, но на крајот на краиштата и самото вакво однесување во однос на третманот на важноста на звуците околу нас, го формира вкусот на новите генерации кои за првпат се соочуваат со “проблемот” да го изградат својот сопствен вкус, а немаат голем избор ако ние им го скратуваме со не-давањето на различни опции.
Е, сега за разлика од музиката не е истата ситуација со филмот или со ликовната уметност, тоа за среќа, никој не може со сила да ни го сервира на јавните места. Меѓутоа, еве ќе се фокусирам на музиката како на најмоќен и најпримамлив начин да се подобри или расипе (не само вкусот на) една генерација. Како што кажав многу е невнимателно и невкусно ако не се направи разлика помеѓу лек и отров. Моето мислење е дека тоа е единствената вистинска класификација на уметноста, па ако ние оставиме “отровни” текстови и депресивна атмосфера да бидат “mainstream” и да владеат со чувствата на луѓето, повеќе од јасно е дека наместо ефектот на музико-терапија, ќе го добиеме спротивниот ефект – “музико-разболување”.

Ако не беше музичар, актер, режисер, или сликар – што друго би бил? Дали има нешто што Пајак некогаш сакал да проба, а не го направил поради срам или притисок од неговата околина?
Најискрено отсекогаш ми било важно, без разлика за каква и да е професија да се работи, тоа што се случува да биде со неизбежен респект на сечија улога во извршување на задачите затоа што секој па дури и најминимален и навидум безначаен придонес е од огромна важност за финалниот резултат. Ако еден од групата не свири на својот инструмент или сценскиот работник не ја постави сценографијата како што треба, во операционата сала ако сестрата не му ги подаде вистинските ножици на докторот, во авионот ако стјуардесата не им ја објасни процедурата на летање со авион на патниците итн.
Она што јас би сакал да го правам е да помогнам на некаков начин. Можеби би бил среќен ако помагам на дечиња со посебни потреби, неостварена желба ми остана да го научам јазикот на глуво-немите, би сакал да најдам начин и тие да се запознаат со благотворноста на уметноста, на било кој вид на уметност, насмевката и благодарноста на овие лица е бесценета. Во секој случај она што ме исполнува е да правам нешто што на било кој начин ќе допринесе да живееме подобро, да бидеме посреќни, да ја разбереме важноста на најголемата движечка сила во универзумот - љубовта.
Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.
