Ана Трпчевска (35) е извидник веќе 26 години: „Почнав како дете, преку извидници пронајдов и љубов“
- Детали
- четврток, 02 октомври 2025
„Станав извидник на 9 години и веќе 26 години сум дел од таа приказна, сега и како претседател (старешина) на мојот одред „Галеб“. Извидништвото претставува еден вид на школа за животот. Тука децата учат најпрво како да се грижат за самите себе, како да му помогнат на другарчето, како да делат и да креираат пријателства за цел живот“, вели Ана Трпчевска (35) од Скопје.

Ана Трпчевска (35) од Скопје e дипломиран економист и работи во семејна фирма за продажба на мебел, но е и претседател (старешина) на Извидничко поречанскиот одред „Галеб“ од Скопје.
Таа е извидник од 9 години, вели дека извидништвото е посебен тип на љубов и сега се труди и други дечиња да ги инсприра да станат извидници.
Ана споделува за CRNOBELO.com:
Зошто обожаваш природа и извидници и од кога си вљубеник во извидници? Кои ти се најубави авантури досега?
Израсната сум во урбана средина, а извидниците отсекогаш сум ги гледала како поврзување со природата и можност за авантури.
Станав извидник на 9 години и веќе 26 години сум дел од таа приказна, сега и како претседател (старешина) на мојот одред „Галеб“.

Извидниците ми овозможиле да искусам активности како играње „грабни стапче“ во парк и искачување на Водно, до уживање во топла река во Исланд, посета на меморијалот на настраданите во Хирошима, учество на настан во Европскиот парламент во Брисел, престој во замок од 13 век во Ирска, учество на светски настани со повеќе од 40.000 извидници од цел свет итн.

Кај мене извидништвото има многу големо влијание на целокупниот личен развој.
Особено во помладите години, кога се оформува личноста, се учи како да се биде одговорен за себе и другите, како да се работи во тим, да се биде лидер, да се има критичко мислење и притоа да се зајакне самодовербата и останати меки вештини.

Низ годините со искуствата и соочувањето со разни предизвици, извидништвото придонело да бидам истрајна, да се чувствувам исполнето и да бидам активен граѓанин кој придонесува во заедницата на локално, национално и интернационално ниво.

Зошто е добро од мали да се запишат децата на извидници, придобивки од истото?
Извидништвото претставува еден вид на школа за животот. Тука децата учат најпрво како да се грижат за самите себе, како да му помогнат на другарчето, како да делат и да креираат пријателства за цел живот.
Извидниците се место каде што можат да бидат слободни, да играат, да се изразуваат, да другаруваат но и да научат да ги почитуваат другите.

Водачите се млади луѓе волонтери, кои низ својата работа со децата и самите се градат како личности и несебично придонесуваат за развојот на децата.
