Љубовната приказна на Елена од Куманово и Кристијан од Скопје: „По еден месец врска решивме да се преселиме во странство“
- Детали
- понеделник, 13 октомври 2025
„Првиот состанок ни беше на Матка, па на Водно, па во парк и траеше буквално цел ден. За само половина година од нашето запознавање се преселивме во Франкфурт и почнавме да градиме живот заедно“, вели Елена Стефановска (30) од Куманово за CRNOBELO.com.

Елена Стефановска (30) од Куманово, по професија оптометрист ужива во бракот со Кристијан Палифровски (28) од Скопје, електротехничар по професија.
Првиот состанок им траел цел ден, запросувањето било во Венеција, свадбата во Скопје, а по само половина година состанување се преселиле во Фрнакфурт.
Елена споделува детали за нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Нашата љубовна приказна започна во едно необично време - за време на короната и тоа сосема случајно.

Се запознавме преку социјалните мрежи, а само по неколку дена допишување решивме да излеземе.

И не погрешивме, нашиот прв состанок го договоривме да биде на Матка.
И двајцата бевме вљубеници во природата и адреналинот, па така кајакаревме низ кањонот не ни помислувајќи дека всушност запловивме во нашите љубовни води.

Уште од првиот момент кога се запознавме имавме чувство како да се знаеме цел живот, па така темите на разговор се нижеа една по друга, без воздишка.

Времето што го поминавме таму не ни беше доволно, па одлучивме да се искачиме на Водно.

Да бидеме искрени и двајцата не сакавме денот да заврши, па решивме за крај да прошетаме во градскиот парк.
И така нашиот прв состанок траеше цел ден.

Од тој ден, не се разделивме – шетавме заедно, кампувавме, се запознававме и ги откривавме убавините на нашата земја заедно.
Веќе по еден месец донесовме голема одлука – решивме дека сакаме да заминеме во странство и да започнеме ново поглавје заедно.

