Нада (35) од Тетово за ракот на дојка: „Ми соопштија додека го чекав детето од градинка, од шокот немав реакција“
- Детали
- среда, 15 октомври 2025
„Се проверив зашто визуелно имаше промена на градата, мало влабднување на десната страна кое прво мислев дека е од градникот, но и следниот ден беше тука, па веднаш закажав преглед. На допир не можеше да се напипа, не беше јасно видливо на ехо, ни на мамографија, но клиничката слика им беше сомнителна на докторите и се одлучија за биопсија“, вели Нада Живковска, која на 34 години дознала дека има рак на дојка.

Нада Живковска (35) од Тетово е дипломиран економист, магистер по маркетинг и мајка на две деца.
Во септември 2024-та година добила дијагноза дека има рак на дојката, а резултатите денес покажуваат дека болеста е зад неа, иако мора често да оди на контроли за да биде сигурна дека е сè во ред.
Оваа млада жена вели дека немала никакви симптоми, ниту семејна историја поради што би можела да се посомнева дека има рак. Но, исто така вели дека била сигурна дека ќе добие позитивна дијагноза и покрај тоа што најблиските ја тешеле дека резултатите ќе бидат негативни.
Нејзината интуиција се покажала точна, па Нада почнала со испитувања и лекување.
За CRNOBELO.com таа нагласува дека е важно секоја жена да побара и второ мислење ако дури и најмалку се сомнева дека нешто не е во ред, дури и кога резултатите ќе покажат дека е здрава - затоа што раното откривање е клучно за лекување на болеста.

За борбата со ракот на дојка и сето она низ што поминала во изминатата година, таа ни раскажа во интервјуто:
Пред колку време ви беше дијагностициран рак на дојката? Дали се случи тоа на редовна контрола или самата почувствувавте нешто со напипување на градите? Имавте ли некакви симптоми што ве наведоа да се проверите?
Рак на дојка ми беше дијагностициран пред една година, односно во септември 2024-та.
Пред да раскажам за симптомите би сакала да истакнам дека сум доста одговорна кога се работи за здравјето, па така, после доењето на двете деца одев на радиолог и правев рутински ехо преглед (иако не е вообичаен на моја возраст и немам семејна историја).
Доењето со второто дете заврши во септември 2023-та, една година пред дијагнозата.
Радиологот ми кажа дека сè е во ред, дека тоа што го чувствувам е од лобулите каде поминувало млекото, но сега докторите сметаат дека можеби тогаш е пропуштено (иако цела година немав никаков симптом).
Затоа истакнувам дека е важно да побарате најмалку две мислења доколку имате и најмал сомнеж.
Се проверив затоа што визуелно имаше промена на градата, мало влабднување на десната страна кое првично мислев дека е од градникот, но и следниот ден беше тука, па веднаш закажав преглед.
На допир не можеше да се напипа, не беше јасно видливо ниту на ехо, ниту на мамографија, но клиничката слика им беше сомнителна на докторите и се одлучија за биопсија.

На колку години ја добивте дијагнозата? Каква беше првата реакција откако ви соопштија?
Дијагнозата ја добив на 34 години. Додека ги чекав резултатите од биопсијата, длабоко во себе знаев дека нема да бидат добри, иако сите околу мене мислеа дека претерувам и беа убедени дека се работи за бенигна промена.
Резултатот ми го соопштија телефонски, а во тој момент бев пред градинка да го земам моето дете и мислам дека немав никаква реакција поради шокот.

Како се справивте потоа со шокот?
Со денови се будев со мисла дека било само лош сон, но за жал моравме да се соочиме со болната реалност.
Горда сум на себе што бев силна низ целиот процес и иако сум емотивец, многу ретки беа моментите кога плачев, бев решителна да се најде правиот пат на лекување трезвено и бев вклучена 100% во сè поврзано со дијагностика и лекување.

Што направивте прво откако ви ја кажаа дијагнозата?
Прво го носев сопругот во болница затоа што ја скрши ногата кога ја дозна дијагнозата, па така во секоја болница кога нè гледаа луѓето, мислеа дека сме таму поради него.
Покрај шокот од дијагнозата, пациентот добива уште еден шок поради здравствениот систем и институционалниот хаос, но за среќа постојат професионалци и хумани доктори како торакалниот хирург Иван Карапетров, кој тогаш работеше во Клиничкиот центар во Тетово, ме упати што треба да правам и ми пружи поддршка низ целиот процес, иако не се одлучив тој да ме оперира од други причини.

Како изгледаше процесот на лекувањето? Дали имаше потреба да се вадат градите?
Првиот чекор беше дијагностика, односно потребни снимања да се утврди дали ракот е локално или е напреднат.
Потоа се одлучив за операција, па според резултатите од хистопатолошкиот наод следеше процесот на адјувантно лекување.

Кој ви беше најголема поддршка и без кого не би го издржала целиот овој процес?
Најголема поддршка ми беше семејството. Благодарна сум му на Бога што имам семејство кое е секогаш тука за мене, што беа силни низ целиот процес иако им беше претешко.
Најголем страв и најголема болка ми предизвикуваше фактот дека можеби моите деца ќе останат без мене.
Моето секојдневие не се смени значително, се трудев и сакав да сум присутен родител и присутна на настани кои ме исполнуваат, освен во деновите кога бев во болница.

