Нада (35) од Тетово за ракот на дојка: „Ми соопштија додека го чекав детето од градинка, од шокот немав реакција“
Како реагираа најблиските и пријателите кога им ја кажавте дијагнозата?
Најтежок ми беше моментот кога им соопштив на родителите и понекогаш не можам да си простам што дозволив ова да го доживеат.
Пријателите ми понудија помош и ме поддржуваа низ целиот процес (зборувам за оние вистинските) иако и за нив беше шок, но правеа да се чувствувам и верувам дека ова е само минлива фаза.
Запомнете - немојте да ги сожалувате луѓето кои се соочуваат со ваква дијагноза, тоа е најлошото нешто што можете да им го направите!

Имавте ли негативни ефекти од хемотерапијата? Каде ја примавте, кај нас или во странство?
Хемотерапијата ја примав кај нас, но во консултација со онколози од странство бидејќи таму беше дијгностиката и безброј снимања.
Тоа го направив поради одредени сомнежи тука, и заради немање одговор и решителност од нивна страна за многу нешта (тоа е долга тема и можам да пишувам со денови).
И сега по завршување со терапијата паралелно се консултирам и со онколози од надвор.
Негативните ефекти од терапијата освен губењето на косата, ми траеја една недела после примање на секој циклус.
Имаше денови кога се чувствував лошо, но генерално ја издржав „на нозе“. Во тоа можеби ми помогна мојата волја, можеби суплементацијата...
Неизмерно сум им благодарна на сестра Лиле и д-р Емилија кои ме поддржуваа низ целиот процес и секогаш беа тука за мене.

Што ви беше издувен вентил и ви даваше енергија да го издржите процесот?
Издувен вентил ми беа прошетките во природа, патувањата, а се разбира, енергијата ја црпев од моите две прекрасни деца, внуката и вербата во Бог.

Што променивте во начинот на живот?
Најважното нешто е што се трудам стресот да биде подалеку од мене, затоа што сè доаѓа од главата и длабоко верувам дека тој е причинител за дијагнозата (немам ниту еден друг ризик фактор).
Стресот во одреден период од животот го имав во изобилие и ме стигна сега кога мислев дека сè е добро.
Се трудам да не сум опкружена со токсични луѓе, ја променив исхраната, консумирам антиинфламаторна храна и физички сум активна.

Колку време сте cancer free и какво е чувството сега?
Претпоставувам од денот на операцијата, први октомври, токму кога започнува месецот посветен за подигање на свеста за ракот на дојка.
Понекогаш заборавам низ што поминав и сакам ова лошо поглавје од мојот живот да остане во минатото, затоа што не сакам да се идентификувам само со дијагнозата.
Но мислам дека сите знаеме каква е оваа болест и доза на страв секако дека постои.
На колку време треба да правите прегледи во иднина?
Првата година правев на 3 месеци, втората и третата година на 4 месеци, четвртата и петтата година на 6 месеци, потоа еднаш годишно, доколку нема одредени симптоми или сомнежи.

Во месецот за зголемување на свесноста за опасноста од ракот на дојката, дали сте вклучени активно во некои активности? Дали по вашето трауматично искуство, сега ги советувате девојките и жените и што е вашата порака?
Не сум активно вклучена, пред сè затоа што сметам дека е рано, пред неколку месеци завршив со примање хемотерапија, сега примам таблетарна терапија и на телото му е потребно време да се ослободи од сите отрови и да ја врати енергијата.
Сакам да напоменам дека премногу истражував во целиот процес, читав доста студии и истражувања поврзани со ракот на дојката затоа што сакав да знам колку што е можно повеќе.
Тука сум за секоја девојка и жена да ја упатам и да ѝ помогнам доколку се соочува со оваа дијагноза.
Секоја болка поминува и секој страв се претвора во сила, само не се откажувајте.

Раната детекција спасува животи и ракот на дојка може да биде целосно излечлив доколку се открие во рана фаза.
Секогаш барајте повеќе мислења доколку забележите симптоми, болеста е подла па ни анализите од крв можно е да не дадат никакви индикации како во мојот случај (идеално здрава личност и негативни тумор маркери), одете на рутински прегледи барем еднаш годишно без оглед на возраста, затоа што старосната граница се поместува, одвојте 2 минути и правете редовен самопреглед.
Не само октомври, секој ден од годината треба да се подига свесноста за сите видови рак, не само за ракот на дојка, да се вложува во повеќе истражувања, во подобри услови за пациентите, навремено набавени лекови и решавање на институционалниот хаос, бидејќи нема дијагноза во рана фаза доколку се чека со месеци за прегледи и снимања, па пациентите треба да плаќаат приватно тука или да бараат решение надвор од државата и да се лечат преку донации.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
