„Детето од рекламите“ е 9-годишно момче од Скопје кое стана вирална ѕвезда - Кој е Нине?
- Детали
- среда, 05 ноември 2025
Шармантниот Нине од едно шеговито видео со неговиот постар брат до Инстаграм ѕвезда со 33.000 следбеници. „Голема желба му е да се снима и кога ќе порасне да стане јутјубер како неговиот омилен mr. Beast“, вели Владимир, постариот брат на Никола Ивановски Нине за CRNOBELO.com.

Никола Ивановски Нине од Илинден, Скопје е „Детето од рекламите“ кое стана вирален хит.
Тој првата улога ја добива на 7 години како малиот брат (во локалот на неговиот постар брат) со прашањето: „Брадер зошто тетка Васка вика дека сме дебели?!?“ (Тетка Васка е неговата вистинска тетка и навистина е строга…)

„Видеото поминува со одлична гледаност, но грижејќи се за неговата приватност се размислувавме дали да продолжиме да му даваме улоги.
Од друга страна Никола имаше (и сè уште има) голема желба да се снима и кога ќе порасне да стане јутјубер како неговиот омилен mr. Beast“, вели неговиот постар брат за CRNOBELO.com.

По неколку месеци постариот брат на Нине почнува да увезува Боба (многу познат пијалак кај децата на возраст на Никола) и тука Никола ја зграбува шансата.
Со Никола правиме неколку видеа во коишто ги промовираме цевките што се јадат, Bubble Tea коишто светат и го фарбаат јазикот.


Повеќето видеа се прошируваат вирално и тука почнуваат да нè контактираат други компании за соработка.
Нине доби шанса да си ја оствари желбата. Менаџиран од постариот брат и со поддршка од неговиот старател го започнуваат профилот „Детето од рекламите“, кој сега има 33.000 следбеници, со цел промоција на мали бизниси и помагање на Нине да си го оствари сонот.

Првото видео во коешто игра улога за друга компанија е објавено август 2024. За една година и два месеци тимот на „Детето од рекламите“ успева да направи над 200 reels соработки со мали и големи компании.

Неговиот брат вели:
„Снимањата се одвиваат во просек двапати неделно и бидејќи се кратки видеа генерално не одземаат многу време.
Во улогите често ги вклучуваме и неговите братучетки Сара и Мила и неговите другари Јован и Аце.

Снимањето им претставува другарување, игра и забава. За содржината на видеата се грижам јас.
Пред камерите Нине е опуштен и природно и лесно влегува во дадената улога.

Не поминува снимање без Никола да додаде свој „twist“ на видеото. Или што би рекол тој: – „Брадер, може со мои зборови!?“
Често ни дава предлози, на пример како да го измениме сценариото, што би кажале гледачите и како тој тоа поинаку би го направил.
