Боро Коса е маж со специфичен и колоритен моден стил: „Шапките ми се заштитен знак, имам над 80“
- Детали
- недела, 02 ноември 2025
„Мојот стил е слоевит - буквално и симболично. Сакам да играм со текстури, материјали и бои. Модата за мене никогаш не била само облека, туку продолжение на карактерот“, вели Боро Секуловски (45) од Скопје за CRNOBELO.com.

Боро Секуловски (45) од Скопје, е човек кој со својата енергија, харизма и уникатен стил успева да се издвои, каде и да се појави.
Сопственик е на фризерско студио, кое одразува креативност и храброст - токму тоа е карактеристично и за самиот Боро.
Со своите 45 години, Боро зад себе има приказна исполнета со искуство, уметност и страст кон убавината во секоја форма.
За својот стил тој споделува за CRNOBELO.com:
„Мојот стил е слоевит - буквално и симболично. Сакам да играм со текстури, материјали и бои.

Колоритот ми е став, а не украс. Модата за мене е начин да ја раскажам мојата приказна без зборови.

Сакам кога носам модни додатоци на себе, се чувствувам свој и комплетен.
Капите и шеширите се мојот заштитен знак, ги имам нешто повеќе од 80-тина.

Исто така можам да кажам дека слабост ми се мантилите и капутите, ги имам во различни бои, форми и стилови.

Во гардероберот имам соодветна облека за одгоре за која било пригода. Тоа ме отсликува, и воедно е мој визуелен потпис.

За што да облечам најчесто ме инспирира годишното време и пригодата на којашто треба да присуствувам.

Многу често се стилизирам и според расположението, па ќе бидам малку нескромен и ќе кажам дека скоро секогаш сум во добро расположение.

Модата за мене никогаш не била само облека, туку продолжение на карактерот.

