Марко Петров (11) е талентиран тапанар: „Свирам неколку ударни инструменти, почнав од 3-годишна возраст“
- Детали
- недела, 26 октомври 2025
„Желбата за свирење беше лично моја, но бидејќи потекнувам од уметничко семејство, таа беше поттикната од мојот татко (Димитар Петров - тапанар на Ласт експедишн, Бла бла бла и Деј офф), од мојот дедо (Димитар Поп Панков - тапанар на легендарните Бис Без), мојата мајка (Марина Поп Панкова - актерка) и мојата баба (Зорица Поп Панкова - поранешна пејачка во групата „Македонија“ и подоцна соло пејачка)“, споделува Марко Петров кој на 11-годишна возраст веќе гради импресивна музичка кариера.

Марко Петров од Скопје е ученик во шесто одделение во ООУ „Димитар Македонски“, а на само 11-годишна возраст, веќе свири на неколку ударни инструменти.
Тој учи и во нижото музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а вели дека почнал да свири уште на 3-годишна возраст.
Денес талентираниот Марко може да свири на тапани, ксилофон, тимпани, вибрафон… а има желба да научи и пијано.
Во интервју за CRNOBELO.com, Марко открива детали за неговото музичко патување:
На која возраст почна да свириш на ударни инструменти и од каде потекна желбата? Дали можеби го наследи талентот од некој во семејството?
Почнав да свирам уште на 3-годишна возраст, но попрофесионално почнав на свирам на 6-годишна возраст.
Желбата за свирење беше лично моја, но бидејќи потекнувам од уметничко семејство, таа беше поттикната од мојот татко (Димитар Петров - тапанар на Ласт експедишн, Бла бла бла и Деј офф), од мојот дедо (Димитар Поп Панков - тапанар на легендарните Бис Без), мојата мајка (Марина Поп Панкова - актерка) и мојата баба (Зорица Поп Панкова - поранешна пејачка во групата „Македонија“ и подоцна соло пејачка).
Пораснав опкружен со музика и верувам дека тоа даде голем придонес во моето градење како иден професионален музичар.
На кои ударни инструменти можеш да свириш? Кои ти се омилени и на кои свириш најчесто?
Прво почнав да свирам на тапани, потоа почнав да свирам на џембе, а кога се запишав во нижото музичко училиште, почнав да свирам и на ксилофон (и на металната варијанта на ксилофон-глокеншпил), тимпани и вибрафон.
Паралелно самиот почнав да учам да свирам и на мараки, клејвс, тонг драм, калимба и триангл.
Колку често вежбаш? Дали вежбаш сам или имаш наставник/ментор?
Вежбам секојдневно сам, а неколку денови во неделата - со мојот татко.
Два дена во неделата имам часови во нижото музичко училиште со мојот ментор - Зоран Спасовски - кој е прекрасен наставник и со него ги откривам тајните на перкусиите.
Дали имаш настапувано пред публика (и каде)? Дали имаше трема? Каде и со кого би сакал да настапуваш?
Мојот прв настап пред публика беше на 5-годишна возраст, на денот на Боб Марли во Градскиот парк во Скопје.
Потоа настапив на промоција на книгата „Неправилен ритам“ на авторот Љупчо Јолевски и имав неколку настапи во Културно информативниот центар како дел од новогодишните концерти на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Имав мала трема, но таа поминува во мигот кога ќе се качам на сцената да настапувам.
Во мај оваа година, учествував и на Фестивалот на млади музички таленти од основно и средно образование, каде го освоив првото место со максимален број бодови.
Бев дел и од прославата на Светскиот ден на џезот, во делот од програмата наречен „Џез за деца“, каде под менторство на, за мене најдобриот тапанар во Македонија и пошироко - Виктор Филиповски, бев тапанар во детскиот оркестар.
Во иднина би сакал да настапувам со мојот омилен џез музичар - Тигран Хамасјан и мојот омилен тапанар - Марк Џулијана. Би ми била голема чест да настапувам и со Националниот џез оркестар бидејќи имаат одличен репертоар и значајни артисти како гости на нивните концерти.
