Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме изненади неговата зрелост“
- Детали
- петок, 21 ноември 2025
„Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце додека спијам стоечки. Со Дарин, кога беше мал, се борев со стравот да не го згрешам секој чекор, ама и со него бев рамо до рамо. Не секогаш можам да бидам присутен, ама кога сум - тогаш сум целосно таму“, вели шеф Никола, кој има син и две ќерки.

Популарниот готвач Никола Мишковски, познат како шеф Никола од емисијата „Брза кујна“, е татко на три деца - синот Дарин и ќерките Дариа и Калиа.
За децата зборува со многу љубов, а вели, откако е татко, и готви со многу повеќе љубов, зашто во подготовката на храната ја внесува и емоцијата што ја чувствува кон децата.
Иако често е „заглавен“ на работа, децата му се приоритет, па понекогаш му се случувало и „спиејќи“ да ги заспива, а само за да биде покрај нив и да биде вклучен во секој момент од нивното растење.

За тоа како се снаоѓа во улогата на татко, шеф Никола раскажа во разговор за CRNOBELO.com:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат го виде секое од твоите три деца? Какво беше чувството и имаше ли разлика од првото до третото или возбудата е секогаш подеднаква?
Тие моменти се врежани во мене засекогаш. Секој од нив си носеше своја магија. Со Дарин сè беше ново, непознато, срцето ми чукаше како лудо, бев преполн со страв и возбуда.
Кога дојде Дариа, веќе знаев што значи да си татко, ама тоа не ја намали емоцијата, напротив, не можев да верувам дека пак чувствувам нешто толку силно.
А Калиа како најмала, дојде како капак на срцето. Со неа веќе имав искуство, но повторно имаше многу емоции.
Возбудата и љубовта се секогаш различни по форма, но подеднакво длабоки. Секое од нив ми е прво дете на свој начин.

Колку беше ангажиран во обврските со децата, особено кога беа мали?
Иако работното време ми е буквално лудило, секогаш сум се трудел да бидам тука кога сум најпотребен.
Да, сум менувал пелени, сум ги бањал. Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце додека спијам стоечки.
Со Дарин, кога беше мал, се борев со стравот да не го згрешам секој чекор, ама и со него бев рамо до рамо.
Не секогаш можам да бидам присутен, ама кога сум, тогаш сум целосно таму.

Дали си од оние татковци што им читаат или раскажуваат приказни?
Да, кога ќе успеам да ги фатам пред да заспијат.
Понекогаш раскажувам приказни што ги измислувам на лице место.
Најчесто се врзани со храна, чудовишта што сакаат брокула или суперхерои што прават најдобри сендвичи.
Тоа ми е начин да се поврзам со нив и преку мојот свет.

Како сакаш да го минуваш времето со децата?
Со секое дете имам посебен начин. Со Дарин, бидејќи е веќе голем, времето го минуваме со моторите, фудбалот, или едноставно машки муабети, одиме на терен, возиме заедно, слушаме музика.
Тој е полн со енергија и љубопитност, па времето со него ми е и одмор и полнење батерии.
Дариа сака да се гали, се лакираме заедно, разговараме. Таа е моја чувствителна душичка, често ми се јавува само да ми каже дека ѝ недостасувам.
А Калиа е мала, но енергична, како мини верзија на голем карактер. Со неа си играме, се смееме, таа ми е малата лавица.

Имаш две ќерки со втората сопруга, а син со првата. Ти беше ли тешко да му кажеш на твоето најстаро дете дека ќе добие полусестри?
Да бидам искрен, имав малку страв. Но, Дарин покажа зрелост која ме изненади. Реагираше со радост и љубопитност.
Особено затоа што Дариа беше девојче, веднаш се појави заштитничката страна кај него.
А Калиа ја освои уште од првиот ден. Денес имаат однос што ми го полни срцето. Нивниот однос ми е доказ дека љубовта не познава подели.

