Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме изненади неговата зрелост“
Ги носиш ли сам децата надвор? Како се снаоѓаш?
Да, и тоа како! И има случки за паметење. На пример, кога ќе те фати ситуација каде едниот сака вода или дома, другата сака во тоалет, а третата ти се качила на грб, ме ставаат во бунило и почнувам да ги губам, ха, ха.
Или кога се караат за тоа кој ќе ти држи рака. Но, тоа се моменти кои ми ја полнат душата.
Можеби сум цел ден во хаос, ама тие ми ја даваат рамнотежата.

Колку е, според тебе, голем предизвик да се биде добар татко?
Огромен. Повеќе од секој рецепт што сум го смислил во животот.
Да бидеш добар татко значи постојано да се преиспитуваш, да слушаш, да простуваш, да учиш.
Не можеш да бидеш совршен, ама можеш да бидеш присутен, искрен и полн со љубов.

Кој е најголемиот гаф што си го направил како татко?
Кога имав задача сам да ги подготвам девојчињата за во градинка - фризура, облека, сè. Излеговме од дома со бушави кики како од цртан филм.
Изгледаа како кловнови, ама во нивните очи беа најубавите принцези на светот.
И знаеш што? И јас така ги гледав.

Што им браниш на децата?
Не дозволувам непочитување, ниту однесување што ги повредува другите.
Телефоните се ограничени, особено пред спиење. Се трудам да ги научам дека сè се дели - вниманието, храната, љубовта.

Дали си строг татко?
Не сум строг. Признавам дека сум попустлив.
Понекогаш тоа значи и дека ќе им попуштам за нешто што не треба. Но верувам во разговор и разбирање, а не во строгост.

Кој ги бираше имињата на децата? Колку се слушаше твојот глас?
Дарин го доби името со желба од мајка му и јас се согласив.
За Дариа името беше предлог од Дарин и веднаш ни се допадна.
Калиа беше заеднички избор, инспириран од сестра ми, бидејќи сите бевме согласни дека убаво се врзува со Дарин и Дариа.
Името е првиот подарок што му го даваш на детето, а ние го биравме со срце.

Која ти е најубавата работа поврзана со татковство?
Кога ќе ги прегрнам после напорен ден. Кога ќе ми речат „тато, те сакам”. Тоа се моменти што не се мерат со ништо.
Татковството ме научи да бидам подобар човек. И подобар готвач, бидејќи сега сè што правам, го правам со љубов, но и со нив во мислите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
