Штипјанките Патриција и Андреа ќе имаат диџеј-сет во Абу Даби: „Многу сме возбудени, ќе настапиме со Кети Пери“
- Детали
- четврток, 13 ноември 2025
„За време на Формула 1 викендот во Абу Даби ќе имаме 4 настапи. Во текот на овој викенд на истата сцена ќе настапат и артисти од други музички правци, како Кети Пери, Пост Малоун, Калвин Харис и уште многу други. Музичката програма ќе започне со настапот на Тревис Скот“, велат близначките The Geors за CRNOBELO.com.

Близначките Патриција и Андреа (22) од Штип, нашата публика, но и пошироко, ги препознава како сестринското диџеј дуо The Geors.
Сестрите, многу често пуштаат музика во Штип, нивниот роден град, а имаат диџеј сетови и низ светот. Тие настапи ги договараат преку агенцијата која ги застапува.

Патриција и Андреа се често во Грција, Италија, Германија, Романија, а публиката ги обожава.
А нивната работа е толку добра и препознаена, што првиот викенд во декември ќе настапуваат во Абу Даби.
Тие се едни од неколкуте артисти од целиот свет кои се ангажирани да ја забавуваат публиката дојдена таму за Формула 1 викендот.
Патриција и Андреа не ја кријат возбудата што наскоро ќе заминат во Емиратите, особено што и двете девојки се големи љубители на Формула 1 како спорт.

За тоа што ги очекува, но и со кого ќе настапат на иста сцена, The Geors раскажаа за CRNOBELO.com:
„Нè контактираа во септември и ни дадоа понуда да настапиме во Абу Даби на Ф1 викендот. Сигурни сме дека ова ќе го паметиме доживотно, затоа што двете сме љубители на Ф1, како и на МЕНА.
Ова убедливо е настан на кој ќе има врвен спој на раскош и уметност, на брзина и сентименталност.
Во исчекување сме на трките, на средбите со извонредни таленти, на прошетката покрај футуристичките градби во Абу Даби и на моментите кои, веруваме, никогаш нема да ги заборавиме.
За настапот бевме контактирани преку нашиот тим, односно преку еден од нашите претставници.
Што е до нас, ние уште кога дознавме за понудата бевме пресреќни и веднаш ќе прифатевме, но сепак, нашиот тим работи по свои принципи, па побараа потврда за исполнување адекватни услови за соработка. И затоа поминаа малку време во преговори пред да се потврди нашето учество на настанот.

За време на Ф1 викендот ќе имаме вкупно 4 настапи, започнувајќи од 4 до 7 декември.
Во текот на овој викенд на истата сцена ќе настапат и артисти од други музички правци, како Кети Пери, Пост Малоун, Калвин Харис и уште многу други.
Музичката програма ќе започне со настапот на Тревис Скот, а во текот на споменатиот период присутните ќе имаат можност да уживаат на музички спектакл“.

Освен што ќе настапуваат во Абу Даби, The Geors имаат уште една причина за задоволство.
Тие неодамна ја објавија нивната нова трака No Direction, во соработка со германската издавачка куќа Luft Und Liebe.
„Оваа трака ни е соработка со драг пријател и колега, Габриел Тоста, кој доста долго се бави со овој тип музика.
Благодарни сме што расте интересот за нашата музика, а нам ни престојат уште многу други траки за издавање, и соработки но и музика само во наша сопственост.
Моментално имаме 2 спремни проекти, како оригинални синглови и две соработки со таленти кои допрва ќе ги најавиме“, велат тие.

Прочитајте и Штипјанките Патриција и Андреа (21) за CRNOBELO: „Дечковците порано нè мешаа зашто сме идентични близначки“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
