Љубовната приказна на Ивана и Димитар: Oд средношколска љубов до градење живот во Германија
- Детали
- понеделник, 08 декември 2025
„Од средно училиште заедно ги минувавме сите фази - од избирање на факултет каде што ќе студираме, па до заедничко учење и работа во иста компанија, а првата и најодговорна работа што ја направивме заедно беше вдомување на две улични кучиња“, вели Ивана Кривчевска од Битола, дипломиран инженер по информатички науки , за љубовта со саканиот Димитар.

Ивана Кривчевска од Битола и Димитар Петровски од Битола се дипломирани инженери по информатички науки и комуникациско инженерство на ФИКТ Битола, а работат како софтверски инженери во Германија.
Тие се заедно од средно училиште и заедно споделиле многу значајни моменти.
Ивана споделува детали за нивната љубовна врска за CRNOBELO.com:
„Нашата љубовна приказна започна уште во средно училиште, кога се заљубивме како деца кои дури и не знаеја што значи вистинска љубов.

Многу брзо, заеднички ја презедовме првата одговорност - вдомивме две улични кучиња, Нео и Холи, кои ни ја збогатија врската и ни покажаа што значи вистинска грижа и посветеност.

Низ годините, заедно ги минувавме сите фази – од избирање на факултет каде што ќе студираме, па до заедничко учење и поддршка за време на проектите и испитите.

Заедно ги поминавме и првите работни интервјуа, а потоа и работата во иста компанија, каде што работевме на заеднички проекти и буквално бевме неразделни.

По одредено време, решивме дека сме подготвени за нов предизвик и Димитар доби понуда за работа во Германија. Наспроти тоа што би било типично за овој развој на настани, одлучивме да не ја форсираме врската со брак само поради селидбата, туку да почекаме на вистинскиот момент за нас.

Таа година беше доста тешка и динамична за нас – за првпат бевме разделени после долги години, но веќе имавме огромна доверба еден во друг. Кога имаш некој покрај себе за кого знаеш дека е подготвен да те поддржи во сè, работите течат доста поедноставно.

Искрената комуникација и адаптабилност ни помогнаа да ја пребродиме далечината.

По една година, и јас се преселив во Германија, каде што живееме заедно веќе две години. Животот во нова земја ни донесе нови предизвици, но и нѐ научи колку е важно да бидеме отворени, и да се поддржуваме безусловно.
