Стела од Скопје рачно изработува фигури од хартија: „Најкомплицирани се тие поголеми од 1m и со човечки ликови“
- Детали
- среда, 03 декември 2025
„Првата фигура беше модел на усни, која мислам дека и сега привлекува најголемо внимание, а признавам дека и мене ми е омилена. Ја правев неколку дена и иако не искочи идеална, баш таа ми е најдрага и после 5 години, сè уште има главно место на мојата тоалетна маса“, вели Стела, која изработува уникатни фигури од хартија.

Стела од Скопје изработува впечатливи и необични фигури од хартија, кои можете да ги видите на многу места низ државава - продавници, локали, на родендени, во нечиј дом.
Нејзините уникатни дизајни се лесно препознатливи, особено устата од хартија.
А токму една ваква уста е првата фигура што ја изработила и од која почнала целата приказна за нејзиниот бренд Harteeya.

За тоа како почнала да создава вакви прекрасни фигури пред 5 години и неколку мали тајни на занаетот, таа ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Обожавам интересни и уникатни детали во внатрешните уредувања, па така разгледувајќи по социјалните мрежи, силен впечаток ми остави една полигонална фигура на усни.
Веднаш почнав да истражувам каде би можело да се набави таква фигура, но следуваше мало разочарување бидејќи вакви фигури не беа достапни за нарачка во Македонија.

Никогаш не се откажувам лесно, па истражив малку подобро и заклучив дека имам сè што ми е потребно за да го направам моделот сама.
Брзо ја совладав техниката на изработка, веројатно благодарејќи на бројните часови поминати во правење макети за време на студиите, но потребни се големо трпение, прецизност и внимание на детали.
Така, за кратко време се роди идејата за Harteeya, a моделот на усните стана омилен декор во многу простории, кој сè уште го порачуваат и го имам изработено скоро во сите бои и димензии.

Секако, првата фигура беше моделот на усни, која мислам дека и сега привлекува најголемо внимание, а признавам дека и мене ми е омилена.
Ја правев неколку дена и иако не искочи идеална, баш таа ми е најдрага и после 5 години, сè уште има главно место на мојата тоалетна маса.

За правење на моделите се користи подебела хартија, најчесто 300 грамска и сите фигури внатре се исполнети со тајна состојка, грижа и љубов кон работата.
Генерално, бидејќи се изработени од хартија, идеално е да стојат во затворени простории, но со соодветна грижа, одредено време може да бидат и надвор.

Цените зависат од големината и од комплексноста на моделот и дали се работи за custom-made модел - тоа се најчесто логоа на брендови, за што е потребно повеќе време за целата припрема, изработка, боење во некоја специфична нијанса, која е препознатлива за самиот бренд итн.
Истото важи и за времето за изработка, срце од 20cm може да биде готово за неколку часа, а срце од 120cm за неколку дена. И сè е целосно рачна изработка.

Секогаш се радувам кога ќе добијам нарачка за модел кој го немам изработено.
Изработката на модел на фигура по првпат е пред сè предизвик и едвај чекам да го видам крајниот резултат, кој, искрено, секогаш ме воодушевува.
Како најкомплицирани за изработка би ги издвоила фигурите кои се поголеми од 1m и фигурите кои имаат многу реалистични детали, како човечки ликови или ликови на супер херои.

Има клиенти кои на почеток немаат претстава за начинот на изработка и изнесуваат барања кои се тешки да се преточат во фигури од хартија.
И за мене се најголем предизвик комплицираните фигури, но сепак постојат и такви кои не е возможно да се направат со оваа техника.
