Таско за новиот албум: „Во секоја песна го има стариот Таско кој беше решителен, мотивиран, и исполнет со правење музика“
- Детали
- петок, 05 декември 2025
„Работата е работа, семејството е мир, некако уживам во сите процеси, и убаво ми е. Го правам тоа што го сакам, и не ми претставува притисок. Единствена мана е што не сум наспан“ - вели Таско по промоцијата на новиот албум за CRNOBELO.com.

Христијан Тасковски - Таско периодов е фокусиран на својата кариера и албумот на кој работеше од почетокот на годината.
Вели, тоа е и времето кога почнал да го менува животот, своите навики, а преку песните кои ги испеа, сака да ја пренесе својата лична порака до публиката која го слуша и го сака тоа што го работи.

Воден од креативната фаза во која се наоѓа, Таско веќе работи и на нови траки, а кои како албум ќе излезат во март 2026-та година.
Тој за CRNOBELO.com раскажа за процесот на создавање на албумот, за снимањето спотови, но и за концертот со Буба Корели и Јала Брат во Скопје, а кои лично го поканиле да им биде гостин.

Прочитајте го целото интервју со Таско:
Колку време работеше на песните на албумот и дали за сите сними видеа? Колку во новите траки го има стариот Таско, но и колку си „пораснат“ и созреан во звукот што го вадиш?
На песните работев од првиот момент од кога решив да ја направам мојата промена, односно од почетокот на оваа година.
Првично имав 15 песни, од кои на крајот испаднаа неколку, па за на крај да останам со 7.
Во секоја од нив го има стариот Таско, правиме муабет за оној Таско кој беше решителен, мотивиран, и исполнет со правење музика.
Овој пат не бркав комерцијален звук, туку ја бркав суштината на моето креирање музика, а тоа е забава и уживање во креирањето.

За сите песни имам спотови, и таков беше планот од сам старт.
На снимањето на „Круна“, Кољо ме тераше да се качувам по дрва, а и на еден покрив од еден трговски центар.
На тој покрив се качив лесно, ама потешко беше да се симнам од кога уснимивме. За малце ќе си останев таму, и сигурно ќе требаше интервенција од некоја од службите.
Меѓутоа се снајдовме и сè помина во најдобар ред.

Личен фаворит од песните ми е „Рани од злато“.
Некако таа песна го покрена целиот албум, приказната позади истиот, и воедно е песна за едно мое лично искуство низ животот и ситуациите.

Неодамна ти се исполни желбата да застанеш на бина пред преполна сала... Колку тоа што го доживеа (или што се надеваше дека ќе го осетиш) ти е мотив во музиката?
Огромен мотив. Кога артисти од рангт на Јала и Буба, лично ќе те поканат како гостин на нивните концерти, тоа кажува многу за тебе и е доказ дека ако нешто го сакаш доволно, ќе се оствари.
Ние како артисти се храниме од таа енергија од публиката и, секако, е многу убаво чувството кога ти ги пеат песните на цел глас. Два концерта по ред.
