Македонка разубавува влезови во Штип со новогодишни цртежи: „Ми требаат 5 до 10 часа за еден влез“
- Детали
- среда, 10 декември 2025
„Најмногу ме допре моментот кога една жена ми донесе термос со топол чај. Тој ден беше исклучително студен, и токму таа едноставна, но искрена грижливост ми ја стопли душата. Подоцна на социјалните мрежи ја пронајдов жената и таа ми напиша дека пак би ми направила чај или кафе, а термосот да ми остане за спомен“, вели Бојана, која ги разубавува влезовите на зградите во Штип со празнични мотиви.

Бојана Тошевска (27) е ликовна уметница од Битола, која дипломирала на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, на отсекот Класично сликарство.
Во моментов таа е во завршна фаза на магистерските студии на истата академија, насока сликарство. Од 2022 година сум член на Друштвото на ликовни уметници - Битола. Зад себе има две самостојни изложби, од кои последната е „Точка, не круг“, а учествувала на повеќе групни изложби и ликовни колонии во земјата и во странство.

Во моментов, Бојана ги разубавува влезовите на зградите во Штип со новогодишни слики - лампиони, Дедо Мразовци, елки, па ги претвора во топли и пријатни простори, кои им измамуваат насмевка и на децата и на возрасните.
Во овие денови, додека ги слика влезовите, таа имала и неколку изненадувања и доживеала и неколку среќни моменти со жителите од зградите, кога девојче ѝ подарило чоколаден Дедо Мраз, а некоја жена ѝ оставила термос со топол чај за да се згрее додека работи.

За своето искуство, Бојана раскажа за CRNOBELO.com:
„Украсувањето на влезовите оваа сезона го работам првпат, како дел од веќе воспоставената традиција на агенција која управува и ги одржува зградите.
Во проектот се вклучив по препорака на мојот почитуван пријател и колега, уметникот Ристе Мицевски, кој досега беше задолжен за оваа активност.
Оваа година ја продолжувам неговата работа во истиот дух, со цел да придонесам кон зачувување и развивање на традицијата за секоја сезона да се разубавува изгледот на станбените влезови.
Досега имам сработено четири влезови од планираните десет, а би сакала и во иднина да продолжам да се занимавам со оваа активност и да придонесувам за создавање убав и празничен амбиент.

Со текот на времето, оваа пракса се претвори во препознатлив белег на фирмата која ги одржува зградите, но и во убава навика што создава чувство на заедништво меѓу станарите.
Секоја година, тие со нетрпение го очекуваат моментот кога нивните влезови повторно ќе бидат разубавени, исполнети со боја, светлина и празничен дух.
Проектот има за цел да ја внесе уметноста во секојдневниот простор и да го направи пријатен и топол во деновите кога сите се подготвуваме за празниците.

За украсување на една врата или стакло не може прецизно да се каже колку време ми е потребно, бидејќи сето тоа зависи од временските услови и од самата позиција на објектот.
Кога денот е стабилен и барем малку сончев, вообичаено ми требаат околу 5–6 часа за еден влез.
Кога е врнежливо и влажно, процесот значително се одолжува и може да стигне и до 10 часа, затоа што бојата побавно се суши.

Работам со акрилни бои.
Дел од ликовите ги имам однапред осмислено и подготвено, но секогаш ги прилагодувам на конкретниот простор, па така секој влез има своја различна приказна, со комбинација од претходно замислена идеја и моментална инспирација.

Секој ден додека работам, некако неизбежно добивам по некој мал знак на внимание од минувачите или станарите - чоколаден Дедо Мраз, чај, кроасан, сок, чоколадо, мандарини...
Сите тие мали гестови ми значат многу и сум искрено благодарна за вниманието што луѓето го покажуваат.
Најмногу ме допре моментот кога една жена ми донесе термос со топол чај. Тој ден беше исклучително студен, и токму таа едноставна, но искрена грижливост ми ја стопли душата.
