Штипјанките Андреа и Патриција имаа 4 диџеј-сета на Ф1 викендот во Абу Даби: „Запознавме неколку возачи, беа дружељубиви“
- Детали
- петок, 12 декември 2025
„За време на Ф1 викендот во Абу Даби, се запознавме со голем број глобални таленти, светски диџеи, пејачи, продуценти и тркачи. Возачите кои беа многу дружељубиви, луѓе полни со страст и љубов кон тоа што го работат“, рекоа за CRNOBELO.com близначките Патриција и Андреа од штипското диџеј дуо The Geors.

Близначките Патриција и Андреа (22) од Штип, кои публиката ги знае како сестринското диџеј дуо The Geors, неодамна беа во Абу Даби, каде што имаа 4 диџеј сетови во текот на Формула 1 викендот.

Сместени во Дубаи, а работно во Абу Даби, тие имаа можност и да се прошетаат, да се дружат со публиката, но и да уживаат во возбудливата трка, последна за оваа сезона, по која Ландо Норис стана Ф1 шампион.

По враќањето од Обединетите Арапски Емирати, тие споделија дел од своите впечатоци за CRNOBELO.com:
„Во септември, добивме возбудлива понуда преку нашата агенција да пуштаме музика во Абу Даби и откако нашата агенција се осигури дека сите стандарди се исполнети, ја прифати понудата.
Имавме четири фантастични настапи, кои се одржаа во BlaBlaBar, во познатата Јас Марина во Абу Даби, срцето на Формула 1 во градот и местото каде што одамна се вози последната трка во Ф1 шампионатот.

Имавме привилегија да соработуваме со BlaBlaBar, кој е клучен спонзор на официјалните настани на Формула 1, и таму бевме од 4 до 7 декември.
Местото вриеше од позитивна енергија, а со импресивен line-up од меѓународни артисти.

Ни беше огромна чест да бидеме дел од нив.
За време на нашето присуство таму, се запознавме со голем број глобални таленти, светски диџеи, пејачи, продуценти и тркачи, меѓу кои и Кети Пери, Пост Малоун, Калвин Харис, Макс Верстапен, шампионот Ландо Норис.

Освен музиката, нашето искуство во Емиратит беше навистина извонредно.
Топлината и гостопримството на луѓето во Абу Даби и Дубаи ни оставија длабок впечаток.
Нивната жива култура, амбиција и пријателство, создадоа спомени што ги надминуваа самите настани.

Како вистински љубители на Ф1, средбата со возачите за време на викендот во Абу Даби беше врвен момент.
Запознавме дел од возачите кои беа многу дружељубиви, луѓе полни со страст и љубов кон тоа што го работат.

Секако, ја искористивме и секоја можност да истражуваме. Додека автентичноста и уникатниот шарм на Абу Даби ги освои нашите срца, импресивниот хоризонт и динамичната енергија на Дубаи нè воодушеви.
Ова патување совршено се совпаѓа со нашиот креативен моментум. Нашата најнова песна, No Direction (со Габриел Тоста), веќе го најде својот пат до автомобилите, теретаните, радио станиците и фестивалите ширум светот - доказ за поддршката што ја имаме од индустриските гиганти и обожавателите.

Овој успех го поттикнува нашиот стремеж да продолжиме напред и со возбуда најавуваме нов проект што ќе пристигне на почетокот на следната година.
Но, во моментов сме возбудени за нашиот претстоен настап во UnderClub во Аликанте, Шпанија, на 20 декември, кој е изгласан за еден од најдобрите клубови во шпанската техно сцена“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело