Екатерина за преселбата од Македонија: „Кога на 15 години тргнав на училиште во Германија, почувствував што значи да си странец“
- Детали
- недела, 21 декември 2025
„Кога почнав да одам на училиште во Германија бев одбиена, се чувствував како сите да зборуваат за мене затоа што не ги разбирав. На часовите седев збунета, изгубена, се обидував да ги следам наставниците, но без успех“, искрено споделува Eкатерина Гештаковска (18) од Скопје за CRNOBELO.com и открива како ѝ изгледа животот денес таму.

Eкатерина Гештаковска (18) од Скопје веќе неколку години со семејството живее во Касел, Германија.
Касел е мирен град во централна Германија, со околу 200.000 жители.
Преселбата на Екатерина ѝ била навистина тешка, но сега се навикнала и вели дека секогаш со задоволство се враќа во Македонија, но животот планира да го гради таму.
Во интервју за CRNOBELO.com таа споделува детали за животот таму:
Како е да се будиш во Германија? Има ли метеж додека одиш на факултет? Што ти се допаѓа најмногу, а што најмалку?
Најчесто се будам околу седум часот, се подготвувам и околу осум веќе сум на пат кон метро. Патувам околу триесет минути до факултет, а утрата во Германија се доста хаотични.
Има многу метеж и гужва во метро, сите брзаат, па скоро секое утро задоцнувам барем малку.
Ми недостасува тоа што во Скопје сè ни е блиску и не мораш да патуваш толку многу, но најмногу ми фали утринското кафе со пријателите и смеата пред почеток на денот. Тука ретко имам време за такво нешто.

Како една млада девојка, тинејџерка, преселена во друга земја да се снајде? Кои се клучните три работи кои ги направи по преселбата за да се вклопиш?
Се преселив во Германија кога имав 15 години. Првите неколку седмици беа совршени.
Многу прошетки со семејството, нова, чиста и средена околина, нови семафори, нови маркети, нови производи… Сè изгледаше подобро отколку во Македонија.
Но, тоа чувство траеше само додека не почнав да одам на училиште. Таму првпат почувствував што значи да си странец.
Бев одбиена, се чувствував како сите да зборуваат за мене затоа што не ги разбирав. На часовите седев збунета, изгубена, се обидував да ги следам наставниците, но без успех.
Првите осум месеци беа вистински пекол — многу солзи, многу тешки денови. Немав пријатели, на одморите седев сама и едвај чекав да се вратам дома.

По тие осум месеци се префрлив во ново училиште и таму конечно почнав да се чувствувам подобро. Почнав да склопувам пријателства, да се опуштам, па дури и започнав романтична врска која ми помогна многу преку секојдневна комуникација да го усовршам германскиот јазик.
На крајот, го завршив училиштето подобро отколку што очекував. Тоа беше мојата најголема победа.
По пет години во Германија научив многу важни лекции за животот.
Ако треба да ѝ дадам совет на некоја друга млада девојка што ќе се пресели во странство, би биле три:
Не се плаши да згрешиш.
Биди опуштена и отворена кон нови почетоци и промени.
Не верувај слепо во тоа што го гледаш на социјалните мрежи. Не е сè вистинито…

Дали Германија е подобро место за живот од Македонија, според тебе? Зошто?
Искрено, не би рекла дека Германија е подобро место за живот, само е поинакво. Луѓето често мислат дека тука сè е совршено организирано и дека системот функционира беспрекорно, ама реалноста не е баш така.
И овде има хаос, администрација што трае со денови, доктори кај што чекаш со месеци и луѓе што не секогаш се љубезни.
Она што ми се допаѓа е што има повеќе можности за учење и развој, но животот е побрз и пооддалечен. Ми недостасува блискоста што ја имаме во Македонија, спонтаните дружења, смеата, кафето со пријателите без причина.
Би рекла дека Македонија е потопло место за живеење по дух, а Германија е подобра само ако сакаш стабилност и рутина. Но, „совршено место“, не постои.

Тешко ли е да се спакуваат куферите и да се напушти Македонија? Чувствуваш ли носталгија, доаѓаш ли често?
Кога дознав дека ќе се селиме, бев среќна и возбудена. Бев мала и не размислував многу за понатаму, само за моментот.
Ми звучеше како авантура: нов почеток, нова околина, нови пријателства. Тогаш не ми беше тешко да оставам нешто зад себе, но сега, кога ќе се сетам на Македонија, најмногу ми недостигаат семејството и пријателите. Често одам во Македонија, тоа ми е како мал одмор од секојдневието и реалноста овде.
Но, иако ми фали, не би се вратила да живеам таму. Тука во Германија ми започна животот како возрасна личност, и сега Македонија би била повторно нов почеток, а таков почеток не би сакала пак да имам.

Како се снајде на поле образование? Те прифатија ли локалците?
На почетокот беше многу тешко – јазикот, предметите, сè ми беше ново и збунувачко.
Првите месеци едвај разбирав што се зборува на часовите и се чувствував изгубено. Но, со време, кога се префрлив во друго училиште, сè стана полесно.
Почнав да стекнувам пријатели, да се отворам повеќе и постепено да го совладувам јазикот. Денес, можам да кажам дека се снајдов добро и дека тие години ме научија на трпение и истрајност.
