Екатерина за преселбата од Македонија: „Кога на 15 години тргнав на училиште во Германија, почувствував што значи да си странец“
Имаш ли некоја забавна приказна од животот таму?
Да, имам една што никогаш нема да ја заборавам. Еден ден, додека сè уште не се снаоѓав добро со јавниот превоз, се качив во погрешен трамвај и завршив на сосема непознато место.
Прво ми се стегна срцето и инстинктивно ми дојде да плачам, ама потоа ми текна да им се јавам на моите.
За среќа, не бев отидена многу далеку, но тогаш научив добра лекција. Да внимавам на бројките и правците на возовите и трамваите во Германија.
Од тој ден наваму, никогаш не се качувам без да проверам двапати.

Како изгледа еден совршен викенд за тебе во Германија?
Совршен викенд за мене е кога можам конечно да се опуштам и да се наспијам ама, за жал, тоа ретко се случува бидејќи секој викенд работам.
После работа најчесто одам во некој мал, мирен кафе-бар со убав и опуштен амбиент, каде што седиме со пријатели или со семејството.
Во недела сакам малку посмирен ден дома. Музика, филм, готвење или скара со фамилијата и, нормално, психичко подготвување за новата седмица.

Го научи ли јазикот? Што ти падна најтешко при адаптацијата?
Да, го научив германскиот, но не беше лесно, воопшто. На почетокот сè ми звучеше исто, не можев да ги запомнам зборовите, а граматиката е ужасно комплицирана.
Најтешко ми беше тоа што дури и кога сакав нешто да кажам, не можев да се изразам како што мислам. Тоа чувство на беспомошност е страшно, особено кога си тинејџер во ново опкружување.

Има ли предрасуди кон дојденците или ги прифаќаат со ширум отворени раце? Што е најспецифично од нивниот животен стил?
На почетокот имав чувство дека луѓето ме гледаат малку поинаку, особено кога ќе слушнеа дека не сум од Германија.
Не можам да кажам дека беа лоши, ама имаше некоја дистанца, како да не се сигурни што да очекуваат од тебе. Со време, кога подобро го научив јазикот и се опуштив, тоа многу се смени, повеќето луѓе се пријателски настроени, само им треба време за да ти се отворат.

Германците се малку пооддалечени и порезервирани во споредба со нас. Кај нив сè мора да биде по план дури и дружењето.
Но, тоа што е специфично и убаво кај нив е што го почитуваат личниот простор и времето на другите.

Која нивна навика ти се допаѓа најмногу, а која воопшто не ја разбираш?
Ми се допаѓа што Германците се искрени и директни, нема лажна љубезност, ако нешто мислат, ќе ти го кажат. Исто така, многу го ценам тоа што се точни и држат до збор.
А навика што навистина не ја разбирам е нивната опсесија со тоа секој да си плаќа посебно. Дури и кога излегуваат парови на ручек или вечера, келнерот секогаш строго прашува дали ќе биде заедно или одделно.
А истото важи и кога се поголеми фамилии секој си вади калкулатор и си пресметува колку точно должи.
За нас Македонците тоа е смешно, ние сме навикнати некој да каже: „Ај, јас ќе платам“, таму тоа скоро никогаш не се случува.
