Христина од Кичево се пресели во Швајцарија со 2 деца, од кои едно со застој во развој: „Заминавме откако го заборавија сам во градинка“
Се навикнавте ли на животот таму? Како ви изгледа секојдневието?
Па да полека веќе сме влезени во нашето секојдневие, секој со својата рутина и своите обврски.
Животот тука е премногу различен во однос на нашиот на Балканот, и на почетокот ни беше чудно, како во 20 часот веќе сè е затворено од продавници, на зима луѓето сите по дома, нема раздвижен и жив живот.
На лето е поживо, децата се до 22 часот надвор затоа што до тогаш е сè уште ден, па постојано се во игра.
Луѓето тука негуваат друг живот, па на лето штом ќе завршат со работни обврски веднаш се активираат во возење велосипеди покрај река, шетање, трчање, пливање.
Преку недела секој со својата шема и обврски, а викендите е малце пораздвижено, но сепак го нема оној живот како кај нас. Најмногу што недостасува е тоа, луѓето се поразлични, и од тоа што премногу функционира системот, мислам дека луѓето функционираат како еден систем и се потпрени на него.

Секојдневието ни е сведено на извршување на секојдневните обврски како и кај секое семејство. Обврските ги делиме кога се во прашање децата, во зависност кој е наутро слободен тој ги преземе децата околу испраќање и пречекување од училиште, попладневните часови се за мал одмор и согледување на тоа како им поминал училишниот ден и завршувањето на училишните обврски и домашни задачи.
Децата се често надвор во игра без разлика на временските услови. Кај нас за време на училишни денови нема технологија, исто и викендите, дозволено е само за време на нивните поголеми училишни распусти.
Фокус ставаме на исполнување на зададените цели на децата. Андреј тренира фудбал, и еден ден од викендот е обезбеден за турнири, а другиот за шетање во некои блиски гратчиња, шуми, планини.
Андреј во овој момент е во пресудна година каде му се одлучува на која насока ќе продолжи наредната година. Тој има зацртано цел да оди во секундарно образование, и се движи кон таа насока, па во февруари ќе видиме финален резултат.
Тука образованието функционира многу поразлично, секундарното образование е повисокиот степен каде децата се фокусирани на повеќе учење за да се насочат кон факултет, и таму одат деца кои постигнуваат повисок просек со подобри оценки, а реалното образование е насочено кон изучување на професии и уште од 16 години почнуваат да работат она за кое се определиле и избрале да се надоградуваат и да одат кон таа насока.

Накратко, кажете ни поконкретно за состојбата на Леонид, но и за напредокот кој го има постигнато во последниве години?
За сите кои не знаат Леонид е предвреме родено дете во 31-ва гестациска недела поточно во 7-миот месец. Во Македонија бевме до неговата 5-та година.
На почетокот се развиваше нормално, одевме на редовни рутински контроли, и секогаш сè беше уредно. Но некаде на 18 месеци јас увидов дека неговиот развој не е прилагоден за деца од негова возраст.
Па инстинктот ми велеше да го однесам на проценка. Тоа и го сторив. Во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас констатираа дека се работи за застој во развојот, и дека потребна е работа со стручњаци за да успееме да го пробудиме неговото мозоче.
Фактички, тој не го разбирал неговиот мајчин јазик, па поради тоа јазикот го учевме буквално на ист начин како да учи странски јазик.

Работата со него ја започнавме од неговата 2-ра година сè до неговата 5-та година, во Македонија работеше цел тим на експерти, и постигнавме одлични резултати.
Постојано паралелно со нив работев и јас, така бевме еден одличен тим кој имавме беспрекорна соработка.
Меѓутоа откако дојдовме тука работите се променија. Леонид само што го научи неговиот јазик беше приморан да учи нов странски јазик.
Тогаш се соочивме со голем предизвик. Покажа отпор, несоработка, и нетипично однесување за него. И тогаш таа година изгубивме драгоцено време.
Наместо да оди напред тој се спушти долу. И така во градинка остана уште една година плус. Но веќе во втората година полека доаѓаа резултатите.
Имавме одличен логопед кој одлично ја заврши својата работа, премногу се вложи во него, а Леонид премногу соработуваше и во тие моменти постигна одличен напредок. Постојано имаше пофални зборови од неговата учителка, веќе почна одлично да зборува на германски и убаво да се изразува.

Во тој период за него требаше да се донесе пресудна одлука. Тимот на стручњаци закажаа состанок во кој требаа да дадат насоки во кој правец се движи Леонид, и каде според нив е најдобро да го започне школувањето.
На маса имаше 4 опции, и тие како стручњаци ги објаснуваат и кажуваaт што тие сметаа дека е најдобро за него, а според условите, реални опции беа да оди во регуларно училиште со поддршка од асистент или да оди во специјално училиште.
Тие сметаа дека најдобро за Леонид е специјалното училиште затоа што ќе биде секојдневно поткрепен со цел тим на стручњаци, и ќе учи од материја која ќе биде прилагодена за него, а регуларното училиште за него ќе бил голем предизвик.

Па системски тие се одлучија за онаа опција која тие сметаат дека е најдобра или јас би рекла дека тие веднаш пренасочуваат затоа што системот им функционира беспрекорно и сметаат дека постои друг тим на луѓе кои ќе импомогнат на тие деца кои се соочуваат со предизвици, за да им биде патот полесен.
Ни дадоа 10 дена да одлучиме дали ќе се согласиме со нив или сепак ќе ја донесеме другата одлука. Тука во ваков случај родителот го има последниот збор па така и направивме.
Во последен момент ја донесовме најважната одлука за нашето дете. Им кажавме дека не се согласуваме со нив и дека сакаме да му дадеме шанса на своето дете. И не погрешивме.

Леонид сега е во регуларно училиште каде нема личен асистент, туку самиот клас има асистент за сите деца, и кога ќе се увиди дека некое дете се соочува со одреден предизвик, се изморило, изгубило фокус, концентрација, тогаш настапува асистентот, му помага на самото дете и го изнесува во една работна соба каде имаат играчки, детето се одмара мал период, па повторно се враќа во својата клупа.
Леонид во овој момент се покажа одличен кога е во прашање едукацијата. На мое пријатно изненадување тој одлично се снајде, веќе решава математика, ги препознава и чита сите букви кои ги имаат досега изучено и одлично соработува во училиште.
Неговиот развој е изедначен со дечињата од неговата класа. Можам да кажам дека можеби и некое ниво се истакнува, и тоа го прави да се чувствува посигурен и посамоуверен и свој.
Патот ни малце не беше лесен за да стигнеме на ова место каде се наоѓа сега, но со голема упорност и верување во своето дете, знаат да се случуваат чуда.
Затоа и се одлучивме да му дадеме шанса, и благодарна сум што не погрешивме и што заедно чекориме по овој пат, и секојдневно искачуваме нови скалила, нови врвови.
И секој нов предизвик го доживувам како еден нов пат и на него гледам како нешто од кое ќе пораснам и јас заедно со моето дете, и секогаш сум со мисла дека на крај од овој пат, ние ќе бидеме победници и повторно ќе искачиме нов врв.
Кога веруваме во своето дете и во себе тогаш сè е полесно.
