Александар од Гостивар има над 25.000 камчиња и колекција од стари предмети: „Собирам телефони, монети - ова е скапо хоби“
- Детали
- недела, 18 јануари 2026
„Првиот предмет кој го купив за украс, беше телефон од 1950 година. Денес колекцијата телефони брои 200 парчиња. Поседувам и колекција на антиквитети кои датираат од 17 век па сè до 1980 година, а меѓу нив се и монета од кралот Филип на Шпанија од 1717 година, кован турски рачен кантар од 1700 година“, вели Александар Радически за CRNOBELO.com.

Александар Радически (39) е уметник од Гостивар, но и колекционер на стари предмети, кои потекнуваат уште од 17-тиот век.
Поседува и импресивна колекција од над 25.000 камчиња, а дел од нив ги користи за создавање уникатни уметнички дела - 3Д слики на база на камчиња, дополнето со природни предмети.
Неодамна, тој дел од овие предмети ги прикажа пред публиката во Гостивар, каде што имаше самностојна изложба, а во план му е да направи таква изложба и во Скопје.

За камчињата, колекционерството и колку скапо хоби е тоа, Александар ни раскажа во интервјуто:
Како почна твојата љубов кон колекционерството? Кој е првиот предмет што те поттикна да почнеш да собираш камчиња, но и ретки и ретро предмети?
Веќе 12 години сум колекционер на природни камчиња.
Тоа почна спонтано едно лето додека бев на плажа.
Од десетина камчиња, колекцијата тековно растеше и денеска брои повеќе од 25.000 уникатни, природни камчиња.

Додека првиот предмет кој начелно го купив за украс, беше бакалитен телефон на Искра Крањ АТА 12, од 1950 година.
Потоа по некоја случајност го најдов и неговиот претходник АТА 11 и така спонтано се роди желбата да ја сложам целата серија, односно модели на телефоните на Искра Крањ.
Веќе тогаш сфатив дека имам пасија кон стари фиксни телефони, па оваа колекција веќе брои 200 телефони кои датираат од Првата светска војна па сè до 1986 година.

Каде ги наоѓаш камчињата? Дали само ти ги собираш или и блиските ти носат за да си ја дополниш колекцијата?
Камчињата лично ги собирам при патувања: езера, реки, мориња, планини.
Ретко, но да, понекогаш и моите блиски знаат да ми подарат и нивни камчиња.

По кој принцип ги одбираш? Што треба да поседува едно камче за да „ти фати око“ и да го задржиш?
Научно и стручно гледано, постојат преку 2.000 типови на камчиња.
Нив ги одбирам по нивната шара, форма и структура, но и доколку наидам на некое камче кое е самото по себе чудно и уникатно.

Како дојде на идеја од нив да почнеш да создаваш уметност? Какви дела создаваш?
При групирањето и сортирањето на камчињата, се роди желбата истите да ги врамам и од нив да направам некое дело односно, да тематски да добијам целина.
Но одлучив меѓу нив да вметнам и други природни материјали: фосили, корали, школки, пупки, тревки, гранчиња итн.
Така настана уметност, уникатна и несекојдневна, осмислена лично од мене, односно 3Д слики (инсталации).

Колку време ти треба за изработка на едно дело со камчиња?
За изработка на едно такво дело се потребни 10-12 дена, бидејќи бара премногу труд, концентрација и прецизност и невозможно е да се работи повеќе од 3 часа дневно.
Самиот процес е навистина многу тежок и захтевен.

Каква е реакцијата на луѓето? Ги продаваш ли овие 3Д слики и дали имаш порачки со посебни желби или го продаваш само тоа што го креираш сам?
Самата уникатност на 3Д сликите ги прави да се барани од страна на публиката, а се доста барани.
Камчињата сами по себе даваат и некое ограничување, но има и доста теми кои можат да се реализираат, како на пример: семејна тема со ликови, цвет, лого или некој замислен редослед и сложување на камчиња со комбинација на природни материјали.
Тој што купува ја избира посакуваната тема.