Александар од Гостивар има над 25.000 камчиња и колекција од стари предмети: „Собирам телефони, монети - ова е скапо хоби“

Каде всушност ги чуваш камчињата? Има ли посебна соба за нив?
Камчињата се сортирани по групи и теми, во специјални кутии и организери (дрвени фиоки), уредно и во посебна просторија меѓу другите предмети (колекции).

А телефоните што ги собираш? Дали ти се изложени или спакувани? И колку се на број?
Телефоните, исто така, имаат свое место меѓу другите колекции.
Колекцијата телефони брои 200 парчиња. Сите се во фабричка и оригинална состојба, без додатни измени.
Освен темелно расклопување, чистење и полирање, други измени нема.
Телефоните се купени од секаде во светот, некој е подарен или разменет со некој колекционер од Балканот или Европа.

Во мојата колекција има телефони од Русија, Латвија, Унгарија, Полска, Шведска, Тајланд, Кина, Јапонија, Америка итн.
Најстариот телефон датира од 1920 година.
Во нашата држава делумно не се многу скапи, па ни на Балканот, но одредени модели знаат да чинат и до 250 евра, зависно од тоа колку е сочуван, редок и уникатен телефонот.
А доколку се работи за уред телефон од подморница, бродски телефон или говорница, тогаш цената знае да биде многу повисока.

Што поседува друго твојата колекција, освен телефоните?
Покрај колекцијата на камчиња и телефони, поседувам и колекција на антиквитети и ретро предмети.
Тие датираат од 17-тиот век па сè до 1980 година.
Такви се монета од кралот Филип на Шпанија од 1717 година, кован турски рачен кантар од 1700 година, унгарска пегла на жар од 1890 година, како и оригинална Сингер машина за шиење, која е во одлична состојба, а е од Шкотска од 1923 година.

Дали е колекционерството скапо хоби?
Да, колеционерството е доста скапо хоби, одредени предмети знаат да се доста скапи, но може да се најдат предмети и по реална или симболична цена.

Постои ли парче што сакаш да се најде во твојата колекција, а не успеваш да го најдеш?
Постојат многу предмети што ги немам, а секако дека би сакал да се дел од мојата колекција.
Такви се на пример двоглед од Првата светска војна, катанец од 16-18 век или телефон од пред Првата светска војна.
