Сузана Божинкочева: „По 4 години борба со неплодност и тон ужасни совети, со 3-тото ин-витро добив син“
Тежок ли е патот кој го изоде? Колку поддршката е клучна во процесот? Дали жените во вакви ситуации имаат доволно поддршка од нивните партнери?
Ова е екстремно тежок и макотрпен пат за секој пар кој се бори со неплодност.
Потребни се челични нерви, голема поддршка и многу трпение од страна на партнерот.
Во сето тоа морам да го пофалам сопругот затоа што машки издржа покрај мене и во ниту еден момент не ни помисли да се откаже.
На еден од собирите од Здружението - До бебе по патот на ИВФ, запознав пар кој успеал да добие дете по 27 обиди.
27!!! Тоа се вика упорност и екстремна желба за принова. Им симнувам капа искрено.

Најважниот совет кој го доби во битката со неплодноста е…
Имам два совети да споделам. Првиот е од д-р Трајковски да се опуштам.
„Ако си вака под стрес, ако си полна со нервоза и анксиозност - ништо нема да направиш. Мораш да се смириш и да се опуштиш“, ми велеше.
И да. Кога конечно се случи тоа, се случи и успешното ин-Витро.
Вториот совет кој го добив е од психологот, кој го посетував додека траеше мојата борба.
Мој совет е кој е во можност да посетува психолошка поддршка, бидејќи ова не е спринт. Ова е маратон и мора да бидеме ментално и физички подготвени за да издржиме до финишот.
Психологот често знаеше да ми каже: „Види, ќе сретнеш многу личности и секој од нив ќе има свое мислење за ова.
Секој ќе ти кажува совети, секој ќе ти дава своја „експертиза“ и во најголемиот дел од нив ќе бидат погрешни и бесполезни. Бидејќи речиси сите нив ќе бидат од „ти реков-ми рече“, а не од сопствено искуство.
Да не зборувам колку само ќе те нервираат. Мој совет е да слушаш вистински експерти во оваа област, а не баби и жаби со бабини деветини. Вајда докторите во специјализирана клиника повеќе знаат од некоја бајачка, нели?“
И беше во право.

Колку во Македонија се говори јавно на оваа тема? Имаат ли многу брачни парови проблем со неплодноста?
Би се изненадиле колку уште е табу-тема неплодноста, а особено ин-витро процедурите.
Да, постојат напори да се подигне свесноста и да се помогне на паровите кои сакаат да се реализираат како родители, но уште е потребно многу работа за тоа.
Многу јавно говорење, многу активизам и јавно менување на перцепцијата за самите процедури, а инаку сè повеќе има парови кои се борат со неплодноста.
Само во текот на оваа година знам за 4 блиски пријатели, кои го почнаа овој пат.

Уживаш ли сега во улогата на мајка?
Да станам мајка е нешто што со години само сонував. Нешто што знаев дека никогаш нема да се откажам додека не го добијам.
Без разлика на колку време ќе треба, без разлика на жртвите кои морав да ги направам, без разлика на финансискиот товар кој го имав во тој период.
Во еден период работев и 3 работи одеднаш за да можам да продолжам напред.
Сето тоа вредеше затоа што ако постои Господ, како да гледаше колку се мачевме со сопругот и како да рече:
„Во ред, по целата таа мака, целиот тој стрес, ви го подарувам најпрекрасното, најсовршеното дете на планетава.
Момче кое сега има 18 месеци. Син ми обожава камиони, колички, сака да бои, да се гали, да се гушка, да слуша музика, а ги сака Биби и Боби.
Тој е многу е друштвен и мил и сите деца (ама буквално сите деца) во градинка го обожаваат.
Самиот факт што го гледам како расте, како пружа огромна љубов на сите околу него ми ја полни душава. Тоа дете буквално излекува нешто во мене.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело