Индог е скопски лик со алтернативен моден стил: „Стилот е вкус, а не буџет, имам скапи парчиња без логоа што ‘вриштат’“
- Детали
- четврток, 15 јануари 2026
„Заедно со квалитетот на материјалите и позадината на парчето облека, удобноста е најважна. Се трудам да носам облека произведена по што е можно поетички стандарди, а често и сам ја рециклирам во нешто ново“, вели за својот моден стил нашиот диџеј, илустратор и радио водител, Индог.

Индог е илустратор, радио водител и музички селектор, инспириран од субкултурата, слободата на подиумите, ерата на тек-хаус музиката и летото на љубовта во Скопје.
Со 25 години искуство во дизајн, радио и културна промоција, сè уште го бара вистинскиот збор што ќе го опфати сето тоа што го прави - и баш во тоа ужива.

Обожава да пушта плочи, обожава необични луѓе и автентични приказни. Не верува во хиперпродуктивност и не ги романтизира работите што „сите мислат дека се кул“.
Но, Индог е познат и по својот впечатлив моден стил, за кој вели дека во три збора би го опишал како „опуштен, уличарски и искрен кон себе“.

За неговиот моден стил, со Индог разговаравме во интервју за CRNOBELO.com:
Дали стилот ти се менува со годините - и како?
Мислам дека не - повеќе е upgrade отколку промена.
Откако сум свесен за себе, носам сличен тип алишта: комотни, широки и да ми се допаѓаат мене.
Уште од дете ги модифицирам алиштата и тоа го правам и денес.
Разликата е што сега сум многу посвесен за квалитетот на материјалите и свесно ја избегнувам брзата мода.

Кој период од модата најмногу те инспирира?
90-тите и раните 2000-ти, 80-тите во Англија и Југославија, како и jazz сцената во Америка во 70-тите и 80-тите.

Како изгледа твојот „типичен“ дневен аутфит?
Во зима: памучна кошула, волнен џемпер, тренерки или широки панталони, капут или мантил, удобни патики или, зависно од прилика, кондури. Наочари и капа, волнена или памучна, зависи од денот.
Во пролет и лето: маица со долги ракави или дуксер, огромна памучна или ленена кошула, широки кратки панталони и било кој модел на удобни папучи, лесни патики или еспадрили.

Што никогаш не би облекол, без разлика на трендовите?
Нешто што не е дел од мене, само затоа што е „хит“, а не ми е ни удобно ни блиско.

Кој тренд никогаш не си го разбирал?
Секој тренд го отсликува времето во кое живееме или се обидува да пренесе нешто.
Секое парче облека е океј само по себе, ама тесни фармерки до глуждови ми се тотално out - во кое било време.

