Индог е скопски лик со алтернативен моден стил: „Стилот е вкус, а не буџет, имам скапи парчиња без логоа што ‘вриштат’“
Колку удобноста ти е важна во облекувањето?
Многу. Заедно со квалитетот на материјалите и позадината на парчето облека.
Се трудам да носам облека произведена по што е можно поетички стандарди, а често и сам ја рециклирам во нешто ново.

Може ли добар стил без многу пари?
Апсолутно. Стилот е вкус, не буџет. И јас имам скапи парчиња, ама без логоа што вриштат.
Често гледам луѓе облечени во брендови што повеќе кажуваат „види ме колку коштам“ отколку кои се.
Кога нешто не е свое и автентично, не вреди ништо, без разлика на цената.
И да, би сакал нелимитиран буџет за наочари и шалови.

Патики – излижани или чисти?
Излижани и ‘испрљани’ - имаат поминато животи и улици. Имам доста патики и сите ги носам. Ниту едни не ми се „нови“.

Капа, очила или ништо?
И капа и очила.

Може ли диџеј без „визуелен идентитет“ денес?
Поважно е диџеите да слушаат и да презентираат добра музика отколку да градат Инстаграм appearance (изглед).
Но реално, стилот денес е битен во секој сегмент.
Постојат сериозни стилисти и ПР-тимови што од диџеи направија модни икони и сериозни бренд-соработки.
Инаку да, битен е визуелниот идентитет, сепак се работи за популарна култура.

Што за тебе значи „алтернативно“ денес?
Да не одиш по линија на најмал отпор. Да не се втопиш во медиокритетот и по секоја цена да бидеш сакан или лајкнуван. Да имаш свој став, дури и кога те чини.
Сè што отскокнува од општоприфатениот тесногледен шаблон е алтернативно - затоа што некој се потрудил да создаде нешто свое.

Кој детаљ е твој потпис?
Тешко прашање. Би издвоил капути и мантили.
Имам неколку што навистина ги обожавам - од Јован Петровски, преку Тетекс, до винтиџ Burberry.

А. Ј. | Црнобело
