Светлана од Кривогаштани прави портрети со коса: „Не мислев дека е нешто посебно додека не се видов на Инстаграм кај Ноле“
- Детали
- вторник, 20 јануари 2026
„Портретите имаат краток век на траење, бидејќи ги изработувам на подот во салонот. Но, ги оставам до следниот ден, додека не стигнат првите клиенти, а тие се воодушевени и ме прашуваат дали ми е жал што морам да ги растурам“, вели за CRNOBELO.com Светлана, за својот талент да слика со коса.

Светлана Зуламоска Гроздановска (55) живее и работи во Кривогаштани. Оваа вешта дама цели 34 години работи како фризерка и шминкерка, иако студирала на Технички факултет во Битола, на сообраќаен отсек.
Но, за CRNOBELO.com вели дека уште од многу млада покажувала афинитети кон фризерството, но и кон уметноста воопшто.

Во Македонија, пак, многумина ја знаат како жената која со парчиња потстрижана коса прави мали уметнички дела - портрети на познати личности од Македонија и светот.
Сето тоа го прави на подот на фризерското студио што го дели со сестра ѝ, откако ќе си замине последниот клиент.
Потоа, неколку часа работи напорно за да го направи портретот од потстрижана коса, го фотографира и го остава до следното утро, кога ќе дојде првиот муштерија, а потоа го мете, зашто, вели, таму мора да се работи.

За необичното хоби, почетоците и реакциите на луѓето кои ќе ги видат своите портрети од коса, таа ни раскажа во разговорот:
„Комшиите ги фризирав и стрижев кога имав 15 години, а портретот на претседателот Тито го насликав кога имав 17 години и тоа без да бришам, со налив. Тоа покажува за мојата вродена уметност.
За време на студиите, заедно со мојата помлада сестра се запишавме на курс за фризери во Скопје, и веднаш по курсот заедно почнавме да работиме како фризери.
Истовремено ги завршив студиите, дипломирав, но веќе работев како фризер.
И не престанав до ден денешен - јас сум фризерката, но таа што слика со коса.

Мојата работа, фризерството е уметност, само што јас ја проширив со уште една гранка во истата, а тоа е „сликање со коса“.
Всушност, од желбата и поривот кон уметноста, се роди идејата да сликам со коса.
Ако веќе знам со налив и молив, тогаш знам и со коса, со камчиња, со акрилни бои на камен…

По работа, наместо да ја соберам косата и да ја фрлам во отпад, јас насликав портрет, и тоа портретот на најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ. Така почна мојата приказна со сликање со коса.
Бидејќи знам да цртам, тоа што го нацртав со косата беше нормално за мене, беше океј.

Не ни помислив дека направив нешто уникатно сè додека не се видов на Инстаграм профилот кај Ѓоковиќ.
Чувството беше прекрасно. Тоа уште повеќе ме мотивира да продолжам да сликам.
