Виктор Крстевски, свадбен фотограф: „Грешка на младоженците е што доцнат со организација и штедат на облека“
- Детали
- среда, 28 јануари 2026
„Кај нас убави се адетите затоа што ја чуваме културата, но понекогаш се минуваат и граници. Свадбите што ги фотографирам низ Европа се со помал притисок врз младоженците. Една од работите што никој не ги забележува е тоа што фотографите често гладуваат цел ден. Во трчањето по моменти, јадењето едноставно паѓа во втор план“ - вели за CRNOBELO.com фотографот Виктор Крстевски од Кочани.

Виктор Крстевски (30) од Кочани, каде што и моментално живеe и работи, по професија e свадбен фотограф и стои зад брендот VKR Photography.
Зад себе има искуство не само во Македонија, туку и надвор од земјата, а неговиот пристап секогаш се темели на искрени моменти, вистински емоции и приказни што се случуваат спонтано.

За тоа како е да се биде свадбен фотограф, кои се грешките кои младоженците ги прават, што е тоа што никој не го забележува на свадбите и други интересни детали од професијата, Виктор раскажува за CRNOBELO.com:
Како се одлучи за свадбена фотографија и кој е твојот стил на фотографирање? Дали си повеќе за местени или спонтани фотки?
За свадбена фотографија се одлучив во 2019 година. Пред тоа фотографирав настани и работев на соработки со различни брендови, а дел од моето искуство го градев и преку студиото Sygnius Production, каде што работев на интересни проекти за различни компании.
Преку таа работа имав можност да учествувам и на снимања на репортажи во Сингапур, Малезија и Тајланд, искуство кое многу ми го прошири погледот кон визуелното раскажување.
Свадбената фотографија ја избрав затоа што таму сè е вистинско и неповторливо. Мојот стил е претежно спонтан, со фокус на природни моменти и емоции, но не бегам ниту од местени фотографии, особено кога парот е опуштен и подготвен за соработка.
Верувам дека најдобрите резултати доаѓаат токму од балансот меѓу двете.

Како изгледа подготовка за свадба? Кои се твоите правила и ритуали пред работа?
Подготовката за свадба кај мене речиси секогаш започнува со мала трема, и тоа го сметам за добар знак. Тоа значи дека ми е грижа.
Практичниот дел вклучува подготовка на картички, полнење батерии и проверка на целата опрема, но подеднакво важен ми е и психичкиот дел.
Секогаш се подготвувам ментално да бидам позитивен, смирен и фокусиран, затоа што младоженците ја чувствуваат таа енергија.
Целта ми е тие да уживаат во денот без грижи, а јас да го дадам максимумот за на крај да добијат спомени со кои ќе бидат навистина задоволни.

Освен во Македонија, каде сè имаш фотографирано свадби и дали тие во странство биле Македонци?
Освен во Македонија, имам фотографирано свадби и во Норвешка, Шведска, Грција и Италија.
Поголем дел од свадбите во странство биле на Македонци кои живеат таму, но имав и убави искуства со интернационални парови.
Особено ми остана во сеќавање една свадба во Норвешка со прекрасни младоженци од африкански земји.
Запознавањето со нивните адети, начинот на подготовка и значењето што свадбата го има во нивната култура беше големо и позитивно искуство кое дополнително ме збогати како фотограф.

Која била најуникатната свадба на која си присуствувал и зошто?
Не издвојувам една најуникатна свадба, затоа што секоја носи нешто свое. Сепак, особено ми се интересни свадбите каде што младоженецот е странец, а невестата е од Македонија, бидејќи спојувањето на две различни традиции создава автентична и поинаква атмосфера.
Една таква свадба беше со невеста од Велес и младоженец Французин, кој со својот бенд свиреше на сопствената свадба и создаде навистина посебен момент, полн со емоција и искреност.

Колку се разликуваат свадбите, но и самиот пристап на младоженците, низ Европа и во Македoнија?
Сметам дека свадбите во Македонија во голем дел сè уште се водат по традиции од постарото време, што е убаво затоа што ја чуваме културата, но понекогаш се минуваат и граници.
За разлика од тоа, свадбите низ Европа се поедноставни и поопуштени, со помал притисок врз младоженците.
Таму тие имаат повеќе простор да уживаат во денот, не се толку изморени и тоа овозможува повеќе квалитетни фотографии.
Кај нас, често целиот ден поминува во адети, музика и обврски, што знае да создаде непотребни тензии, наместо фокусот да биде на самите младоженци и нивната врска.

Кои се најголемите грешки кои ги прават младоженците кај нас, за кои не се свесни, а ти ги забележуваш од страна?
Една од најчестите грешки што ги забележувам кај младоженците е доцната организација на свадбата, понекогаш само една недела пред настанот.
Исто така, често се обидуваат да заштедат на фустанот или костумот, а токму тие детали се многу важни ако сакате убави и трајни спомени.
Голем проблем е и тоа што премногу се грижат дали сè е во ред и дали секому му е угодено, наместо да уживаат во денот.
Јас секогаш велам дека тој ден е само нивен и што и да тргне малку поинаку, им е простено.
