Виктор Крстевски, свадбен фотограф: „Грешка на младоженците е што доцнат со организација и штедат на облека“
Што најмногу те нервира кај клиентите?
Најмногу ме нервира кога некој ќе ме резервира само за да има фотограф, без јасна визија и без желба за соработка, а потоа по свадбата поставува прашања зошто нема одредени фотографии.
Затоа инсистирам на минимум две до три консултации пред свадбата, за да нема недоразбирања. За среќа, во 2024 и 2025 година имав одлични клиенти и искрено сум благодарен за довербата.

Која е најубавата локација за свадбена фотосесија што си ја направил и зошто?
Најубавата локација за свадбена фотосесија за мене е Венеција. Градот сам по себе раскажува приказна, секој агол изгледа како готова композиција, светлината е посебна, а фотографирањето таму е повеќе чувство отколку режија.
Венеција ми дозволува да ја нагласам емоцијата без многу напор.

Има ли некои трикови како младоженците да изгледаат поприродно на фотките, а не згрчено и смешно кога прават романтични пози?
Кога станува збор за опуштеност пред објективот, сметам дека секој пар е различен и затоа пристапувам индивидуално.
Давам мали насоки, идеи за движење, разговор и насмевки, со цел младоженците да се почувствуваат свои и природни, а не совршени.

Дали некогаш некој ви направил проблем за фотографирање среде град, сте имале ли некоја непријатна случка?
Досега не сум имал проблеми со фотографирање на јавни места.
Најчесто минувачите реагираат позитивно и честитаат. Во приватни простории, како што беше фотографирање во хотелот Бристол во Белград, побаравме дозвола и ни беше одобрено ограничено време без користење блиц, што го сметам за сосема коректно.

Што е тоа што фотографите го прават на свадбите, а никој не забележува или не знае дека се случува?
Една од работите што никој не ги забележува е тоа што фотографите често гладуваат цел ден. Во трчањето по моменти и постојаната концентрација, јадењето едноставно паѓа во втор план.

Си доживеал ли некоја свадба посебно емотивно, те допрел ли некој момент, или си строго професионален и не обрнуваш внимание?
Иако сум емотивен по природа, најчесто се трудам да останам строго професионален за да можам да ги уловам тие кратки, но важни моменти.
Цело време сум со апаратот во рака, ја следам ситуацијата и не фотографирам само за моментот, туку за спомен што ќе трае со години.

Кои се најголеми предизвици со кои се соочуваш во работата?
Еден од најголемите предизвици во мојата работа е постојаното инвестирање во нова технологија.
Во Македонија цените за свадбена фотографија се меѓу најниските на Балканот, а опремата и софтверот се скапи.
Сепак, верувам дека вложувањето во технологија и знаење е неопходно за да се испорача висок квалитет.

Колку се променети трендовите за свадбена фотографија? Што е модерно сега?
Трендовите во свадбената фотографија се менуваат брзо. Од потемни „moody“ фотографии, денес се доаѓа до директен блиц и поедиторијален изглед.
Но, спонтаните моменти, вистинските емоции и реално уредената фотографија, според мене, никогаш нема да излезат од мода.
Мојот стил е токму баланс меѓу современ изглед и искрен визуелен расказ.

Што треба младоженците конечно да престанат да прават?
На младоженците би им порачал да престанат да се грижат за ситниците на својот ден. Да се опуштат, да уживаат еден во друг и да си дозволат да бидат среќни, затоа што свадбата поминува многу брзо.

Колку е тешко да правите баланс помеѓу работа и приватен живот, со оглед на тоа што претежно викендите ви се секогаш зафатени?
Што се однесува до балансот помеѓу работата и приватниот живот, сметам дека фактот што работам главно викенди ми овозможува останатите денови сам да си го организирам времето.
Така успевам да оставам простор и за себе, и за семејството, и за сопругата.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело