Д-р Марија Милановска, невролог за CRNOBELO: „Мигрена - како да се препознае, како се лекува, каде грешите?“

Како се лекува мигрената?
Ако станува збор за епизодна мигрена, која се јавува ретко, тогаш се ординираат лекови од групата на триптани, кои имаат за цел да го прекинат мигренозниот напад.
Клучно е да му се советува на пациентот да го земе лекот веднаш штом ќе се појави главоболката, во спротивно, истиот нема да делува.
Ако станува збор за мигрена од хроничен карактер, онаа која се јавува повеќе од 15 пати во месецот, тогаш се прибегнува кон хроничен третман, кој подразбира секојдневно земање на лекови, најчесто од групата на антиконвулзиви, антидепресиви или антиаритмици, кои имаат за цел да ја намалат честотата на главоболката.

Стилот на живот, менаџирањето на стресот, техниките на релаксација и одмор исто така имаат значајна улога во намалувањето на фреквенцијата и интензитетот на мигрената.
Специфични типови на мигрена се вестибуларната и абдоминалната мигрена. Нивната клиничка слика понекогаш може да нè одведе во погрешна насока, кога станува збор за правилно поставување на дијагноза на мигрена.

Кај вестибуларната мигрена, освен главоболката, доминираат како неизоставен дел од клиничката слика интензивните вртоглавици, зуење во ушите, нестабилноста при одење и стоење, отежнатото одржување рамнотежа, гадењето и нагонот за повраќање.
Кај абдоминалната мигрена, која примарно ги афектира децата, освен главоболката, се јавува, и во клиничката слика доминира болка во стомакот, мачнина, гадење и нагон за повраќање.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com