Д-р Марија Милановска, невролог за CRNOBELO: „Мигрена - како да се препознае, како се лекува, каде грешите?“
- Детали
- четврток, 26 февруари 2026
„Мигренозниот напад најчесто почнува полека и постепено се засилува. Болката е со пулсирачки карактер, најчесто на едната половина на главата, често пати придружена со гадење, повраќање и интензивна преосетливост на звук и светлина“, вели д-р Марија Милановска, специјалист по неврологија.

Доктор Марија Милановска е специјалист по неврологија и доктор на науки од областа на епилептологија.
Со неа поразговаравме на тема мигрена, а таа за CRNOBELO.com открива - како да се препознае, дали е наследно, како се лекува, што се препорачува, а што не?

Д-р Марија Милановска за мигрената за CRNOBELO.com:
Што е мигрена?
Мигрената не е само обична главоболка. Таа претставува хронично невролошко растројство кое се одликува со појава на повторлива, интензивна, пулсирачка главоболка, локализирана најчесто во едната половина на главата, често пати придружена со гадење, нагон за повраќање и повраќање, преосетливост на звук и светлина.

Како да се препознае мигрената?
Мигренозниот напад најчесто почнува полека и постепено се засилува.
Болката е со пулсирачки карактер, најчесто на едната половина на главата, често пати придружена со гадење, повраќање и интензивна преосетливост на звук и светлина.
Кај дел од пациентите со мигрена, непосредно пред почеток на главоболката може да се јави таканаречена мигренозна аура, која најчесто е од визуелна природа, трае кратко и се одликува со појава на проблеми со видот најчесто на едното око.

Кај дел од пациентите, може да се појави комплицирана мигрена која е придружена со невролошки испади кои траат варијабилно, од неколку минути до неколку часа и се карактеризираат со појава на трнење на едната половина на лицето или трнење и слабост на едната рака.

Првите напади на мигрена најчесто се јавуваат во помлада возраст, почести се кај жените, но не се поштедени и припадниците на повозрасната популација, како и децата, но поретко.
Мигрената има генетска основа и наследниот карактер има голема улога во нејзиното појавување.

Кои се причините и провоцирачките фактори за појава на мигрена?
Причините за мигрена не се доволно јасни до ден денес.
Една од најподдржуваните и најчесто пласирани теории за мигрена е таканаречената тригемино-васкуларна теорија, која во себе обединува инволвирање на големите артериски стебла во мозокот и тригеминалниот нерв, како и низа случувања на циркулаторна и невротрансмитерска основа, кои се доста комплексни и недоволно разјаснети.
Провоцирачките или тригер фактори за отпочнување на една мигренозна атака (напад) се бројни, но најзначајни се стресот, како од психичка, така и од физичка природа, месечниот циклус кај жените, ненaвремено земање храна, односно прескокнувањето оброци, недоволно пиење вода, односно дехидрација, специфични видови храна, како старото, зреено сирење, црвеното вино, цитрусните овошја, црното чоколадо, вештачките потенцирачи на вкус, како аспартам и мононатриум глутамат, газираните пијалаци и прекумерната употреба на кофеин.
Лишувањето од сон е исто така еден од позначајните тригер фактори за појава на мигренозна атака.