Марија се пресели во Швајцарија со семејството: „Имавме супер живот во Куманово, но ни недостасуваше зеленило, чист воздух“
- Детали
- петок, 27 февруари 2026
„Мислам дека одлуката да останам дома на почетокот со моите деца ми беше најисправна, гледајќи го времето кое беше потребно за адаптирање, за шетање и истражување, за запознавање на околината, за активно објаснување и читање. Сега веќе се чувствувам подготвена за следниот чекор, а тоа е барање работа за себе“, раскажува Марија од Куманово која пред околу половина година со семејството се пресели во Швајцарија.

Марија Колевски од Куманово пред околу половина година се пресели во Швајцарија во семејството.
37-годишната Марија, која е дипломиран економист, две години работи како ментор и едукатор за жени кои сакаат да си ја унапредат својата ментална и физичка благосостојба.
Има 10-годишно искуство во ИТ, а ја има отворено и првата кафе-книжарница во Куманово.
Со сопругот имаат две деца и имале одличен живот во Македонија, а вели дека не ни помислувала дека некогаш ќе се пресели во странство.
Но, сега е сигурна дека го направиле вистински избор.
За одлуката да се преселат, но и како се адаптираат на почетокот, Марија раскажува во интервју за CRNOBELO.com:
Кога првпат се роди идејата да се преселите надвор од Македонија и што беше пресудно за одлуката? Зошто ја избравте Швајцарија?
Никогаш не сум размислувала дека би се преселила во странство. Првин бидејќи живеев со огромна одговорност или поврзаност со мајка ми и како да немав никогаш дозвола или храброст да ја оставам.
Од друга страна, тука беа уверувањата дека преселбата е можна или лесна само кога си помлад или немаш деца, сето следно е потешка, помачна опција за целото семејство.
Па така, живеејќи со тие уверувања, обожавав да патував, но никогаш не ни помислував дека е можно да сменам место на живеење.
Идејата ја добивме доста спонтано, додека патувавме еден викенд, скоро како и секој друг, сакавме децата да ги однесеме во природа, на планина, во шума, на море или езеро, секогаш според можностите. Тој викенд беше очигледно поразличен.
Со сопругот разговаравме како би било убаво да живееме цело време покрај зеленило, покрај шуми, дрвја, вода… Мечтаевме возејќи се и гледајќи го зеленилото околу нас. Следното беше – каде би можеле?
Веднаш се договоривме дека имаме роднини во Швајцарија, дека штом се вратиме од ова патување ќе ги исконтактираме и доколку има можност, ќе ги посетиме да разгледаме дали постои опција за преселба… И, од таму започна сè.
Дали лесно ја донесовте одлуката или имаше многу дилеми? Кој ви беше најголемиот страв пред да заминете?
Одлуката ја донесовме прилично лесно, со оглед на тоа дека имавме супер живот во Македонија.
Јас имав свој бизнис, кафе-книжарница, сопругот исто така со работа како дизајнер на ентериер, меѓутоа, ни недостигаше токму таа природа околу нас, тоа зеленило, тој чист воздух и безгрижно да ги растеме нашите деца.
Најголемиот предизвик и страв ми беа како децата ќе ја поднесат таа промена, како ќе се вклопат во нова средина, нов и целосно непознат јазик, како ќе се одделат тука од нивните омилени баби и другарчињата.
Меѓутоа, целиот тој период од една година на подготовка се состоеше од многу разговори, многу претпоставки за сето она што следи, посета на Швајцарија, и пополека подготовка за новиот јазик и средината која нè чека со нови правила.
Дали преселбата е потешка со мало дете? Што ти беше најголем предизвик како мајка?
Според сето она што го читав, истражував, слушав пред да дојдеме, според сите разговори и туѓи споделени искуства – преселбата е полесна со помали деца, поради нивна полесна интеграција во новиот систем, во образованието, во учењето јазик и стекнувањето нови пријателства.
Нормално дека штом децата се поголеми, имаат изградено повеќе врски, се чувствуваат посигурно таму каде се родени и може да се јави бунт, револт, незадоволство, тага и потешка интеграција.
Ние одлуката ја донесовме токму поради нив, па секако будно го следам тука нивниот развој и напредок. Не поминува ден без да ги прашам дали се среќни, како се чувствуваат и што им недостига.