Марија се пресели во Швајцарија со семејството: „Имавме супер живот во Куманово, но ни недостасуваше зеленило, чист воздух“
Помалото синче има периоди на тага, кај него уште преовладува моментот на нејаснотија што се случува, дали при посета на Македонија ќе останеме или тоа ќе биде краток одмор, му недостигаат бабите и другарчињата.
Поголемиот син, кој има 9 години, одвреме-навреме остварува комуникација со своите поранешни соученици, меѓутоа, тука веќе има изградено свои пријателства.
Не се дружи толку како во Македонија, меѓутоа, сметам дека за сè треба време, а штом се помине јазичната бариера, станува сè полесно и полесно.
Искрено, најголемиот предизвик за мене беа тие први неколку месеци пред да дојдеме во Швајцарија, кога сопругот мораше да замине прв за да обезбеди услови за нашето пристигнување.
Тоа ни беше прва разделба како семејство, која децата многу тешко ја поднесоа.
Кој ти беше првиот културен шок што го доживеа? Колку ти се промени животот во краткиот период што си таму?
Не знам дали можам да кажам дека досега сум имала некој културен шок тука. Ние сме релативно кратко време во Швајцарија, само 5 месеци и, нели, уште не знаеме што носи иднината.
Меѓутоа, нашата интеграција досега беше прилично лесна, бидејќи дојдовме и избравме земја која само ги потврдува нашите вредности.
Редот, дисциплината, зеленилото, сочуваната природа, доброто однесување... Да, и тука може да се најде по некое фрлено ѓубре, меѓутоа, сето тоа е до луѓето.
Сите си носиме свои вредности, култура, однесување и зависно од тоа ни е потешко или полесно да се привикнеме на нечии туѓи правила.
Најголемата промена во мојот живот во овој момент е тоа што не работам сè уште. Тоа што сум мајка и сопруга која се грижи за домот, семејството 24/7.
Меѓутоа, токму и таа опција, да избереш колку можеш и сакаш да работиш, е она што ме воодушевува.
Да можам да одлучам дека сакам да работам 50, 60, 70% и тоа да е сосема нормално е нешто што најмногу ми се допаѓа и во оваа фаза од животот ми одговара.
Дали се адаптира или уште се чувствуваш како „странец“? Како се адаптираат вашите деца?
Се чувствувам адаптирана во околината, уште на самиот почеток остваривме контакти со нашите соседи.
Чудно ми беше кога се соочував со луѓе што не зборуваат англиски јазик, меѓутоа, тоа најмногу и придонесува сè повеќе и почесто да се изложувам на германскиот јазик.
Странец мислам дека секогаш ќе бидеш – додека не научиш јазик за да можеш да се вклопиш во секој муабет, настан и слично.
Во Швајцарија има луѓе од секаде, па затоа мислам дека воопшто не би се чувствувала поразлична. Меѓутоа да, имаат потешка комуникација или да речам топлина или начин на поврзување со луѓето – од она што јас сум или сум навикната.
Децата имаат другарчиња во нашата зграда, така што од самиот почеток имавме олеснителна околност да почнат да се дружат.
Премногу им се допаѓа во школо и градинка бидејќи е различно во секој поглед образованието, па слободно можам да кажам дека уживаат секој ден!
Дали веќе ти недостига Македонија? Што ти фали најмногу?
Македонија не ми недостига засега. Ми недостигаат некои луѓе, ми недостига моето Букси, мојата кафе-книжарница и можеби онаа навика да одиш по улица и среќаваш луѓе со кои застануваш и правиш веднаш муабет.
Тука секој те поздравува на улица, меѓутоа, уште чувствувам несигурност во германскиот јазик за водење на спонтани разговори.