Марија се пресели во Швајцарија со семејството: „Имавме супер живот во Куманово, но ни недостасуваше зеленило, чист воздух“
Какви ти се првите импресии за Швајцарците? Колку се разликуваат од нас, Македонците?
Швајцарците го живеат својот живот, живеат за себе, инвестираат во себе, се грижат за себе. Внимаваат на она што го внесуваат во своето тело, на луѓето кои се до нив и на околината која ги опкружува.
Земаат од волшебната природа сè што им нуди, но многу повеќе вложуваат, даваат и враќаат назад. Совршен баланс никаде не постои, а според мене, тие се трудат да живеат поквалитетно и што подолго.
Има и доста маани кои ги воочив овие 5 месеци, меѓутоа, секогаш бирам да се фокусирам на убавото.
Дали знаеш некој од тамошните јазици? Како се снаоѓаш во период додека ги учиш?
Во моментот кога донесовме одлука за преселба, веднаш започнавме со сопругот да одиме на курс по германски јазик. Меѓутоа прекинавме кога останав сама со децата и пак продолжив кога се преселивме.
Тој период од пауза од неколку месеци ми значеше премногу и имав чувство дека сè имам заборавено кога дојдовме. А, тоа е логично бидејќи бев почетник во јазикот кој не го вежбав неколку месеци.
Сега, после неколку месеци активно изучување, чувствувам многу повеќе сигурност и самодоверба.
Иако имам многу пред мене, нели јазикот се учи постојано, меѓутоа самата изложеност на негово слушање, читање, одење по маркети, продавници, кафулиња, пишување домашно со децата, читање детски книги, посета на библиотека – сето тоа го прави учењето многу полесно.
Инаку во основно и средно имам изучувано француски јазик, а подоцна, по завршувањето на факултетот, се запишав на курс по италијански јазик, кој го изучував неколку години.
Сите тие три јазика се официјални во Швајцарија, а јас знам по малку од сите, со фокус на активно изучување на германскиот јазик.
Спомна дека сте „тазе преселени“ – дали мислиш дека сте ја донеле вистинската одлука или има мигови кога мислите дека сте направиле грешка?
Во ниту еден момент досега не се посомневавме во нашата одлука. Секој почеток си носи свои предизвици, нели, но она што е најважно е да бидеме усогласени со одлуката која ја носиме и да знаеме дека секогаш има поинаков начин.
Луѓето имаат способност за адаптација, меѓутоа секогаш треба да гледаме будно на сето она околу нас.
Да се грижиме за себе, за своето ментално и физичко здравје и да го следиме нашето семејство.
Мислам дека одлуката да останам дома на почетокот со моите деца ми беше најисправна, гледајќи ја нивната адаптација и времето кое беше потребно за адаптирање, за шетање и истражување, за запознавање на околината, за активно објаснување и читање.
Сега веќе се чувствувам подготвена за следниот чекор, а тоа е барање работа за себе.
Каде се гледаш во иднина? Дали планот е да останете во Швајцарија, да се вратите тука или можеби да одите во друга држава?
Секако дека се гледаме тука во блиска иднина. Сè уште ги немаме искусено ниту сите годишни времиња во оваа земја!
Швајцарија е на листата на најпосакуваните држави за живеење и засега гледам и знам зошто.
За подалечна иднина, ништо не може никој да каже со сигурност, меѓутоа, важно е активно да се прашуваме што е она што нè радува, да истражуваме и да правиме по некоја промена секогаш кога е можно.
И најмала промена ни дава чувство на живост, на радост и на слобода.
Прочитајте и: Марија има кафе-книжарница во Куманово: „Многумина ме премислуваа, но сфатив дека кумановци многу читаат“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело