Љубовната приказна на Марија од Куманово и Ваман од Индија: „Се запознавме во Лондон, сега живееме во Дубаи“
Ваман ја нарекува Македонија „недопрена убавина“. Го фасцинира зеленилото, планините, Охрид и неговата историја.
Ја обожава храната, фактот дека е свежа и домашна, со многу месо и медитеранскиот начин на живеење.
За разлика од Индија каде 70% од популацијата се вегетаријанци поради религиски верувања, па најчесто јадат јаглехидрати и ненормално многу зачинета храна која никогаш не заборава да ме изненади колку зачинета може да биде.

Но има една работа што не му се допаѓаше барем оваа зима кога дојде - загадувањето.
Кога дојде во јануари, ми рече дека чадот го потсетува на Њу Делхи, град во кој израснал и кој е еден од најзагадените во светот. Тоа му беше единствената тажна забелешка.
Пријателите што на почетокот беа скептични, откако го запознаа, сфатија дека различноста не е толку голема колку што изгледа од далеку.
Тој се вклопува природно, како да отсекогаш бил дел од мојот свет. Кога и да дојде, обавезно сака да одиме во кафеана и да пиеме ракија со пријателите, иако дури и јас не сум голем кафеански човек.
Најлудото нешто што јас го имам направено за него е што се преселив од Виена во Дубаи за пет дена.
Од шега дека „ќе аплицирам за работа“, стигнав до три понуди, една од нив токму од компанијата што ја посакував.
Родителите веќе беа навикнати на мојата спонтаност. И така, одлука донесена со храброст ме доведе во градот што денес го нарекуваме дом.
Патуваме речиси секој месец, дали ќе е Јапонија, Кина, Хонг Конг, Италија, Франција, Шпанија, Португалија или во нашите родни краеви.
Сестрите ме зафркаваат дека живеам „живот во куфери“ (не ме прашувајте колку пати го имам изгубено куферот).
Јапонија ни е омилена и веќе планираме да одиме повторно за cherry blossom season.
Денес живееме заедно во Дубаи - доказ дека врска на далечина може да успее, дури и кога шансите изгледаат мали.
Тоа е град каде што повеќе од 80% од населението се интернационалци. Можеби токму затоа таму се чувствуваме како дома.
Нашето секојдневие не е рутина. Го прифаќаме хаосот, работата во Дубаи и пошироко, last-minute летовите, ненадејните гости.
Викенд без масажа во кинески или тајландски спа центар речиси и не постои. Одиме во кино, пробуваме нови ресторани, но најмногу време поминуваме во теретана.
Најмногу нè поврзаа амбицијата, дисциплината и желбата да создадеме нешто поголемо од нас самите, повеќето од нашите разговори додека се релаксираме за викенд се различни бизнис идеи, инвестиции итн.

Ако ме прашате што е најважно во нашата приказна, тоа не се цвеќињата и романтични вечери. Не се ни летовите. Тоа е фактот што кога јас се плашев, тој веруваше.
И не ми дозволи да се откажам од нас. Љубовта не нè направи исти. Таа нè научи да ги сакаме разликите.
И можеби токму во тоа е убавината, кога две различни приказни одлучуваат да станат една“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
