Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 недела старост, страдав“
- Детали
- четврток, 26 март 2026
„Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола кога бев како бебе, и бев таму сè до мојата 5-та или 6-та година. Бев одземен, на 1 недела старост, по пријава на соседи дека моите не можеле да се грижат за мене“, ја започнува својата тешка, но инспиративна приказна Илија Јовановиќ од Битола. Татко му бил алкохоличар, а мајка му во еден миг завршила во психијатриска установа, Илија во еден период од животот имал и суицидни мисли.

Илија Јовановиќ е роден 1979 година во Битола, а сега живее во Скопје во населбата Карпош.
Тој е вработен, семеен човек. Во брак е 17 години и е татко на 3 деца, Матеа (17), Филип (11) и Елена (8).
Неговите родители не биле способни да се грижат за него и по пријава од соседите тој завршил во дом за деца без родители, на само 1-неделна возраст.
За своето детство Илија вели дека е несреќно и бледо и смета дека државата мора да им помогне на биолошките родители да успеат да се грижат за своите деца, за тие да не завршуваат во домови.
Татко му бил алкохоличар, мајка му завршила во психијатриска установа, а има и полубрат кој растел со неа, но со кој Илија не комуницира.
На моменти размислувал да си го одзеде животот, но секогаш поддршка и помош му биле оние кои сака да ги нарекува свои браќа и сестри, односно штитеници од домот со кои до денес е неразделен. Еден од нив му бил и старосват на свадбата.
Илија вели дека денес го има најголемото богатство на светот - сопругата и трите деца, но нема да престане да се бори за сите деца кои се без родители или без родителска грижа и помош и се оставени во домови.

Илија за CRNOBELO.com ја споделува својата тешка, но инспиративна животна приказна:
Како заврши во дом, имаш ли некакви сеќавање или буквално беше бебе? На која возраст беше оставен?
Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола, таму престојував од мојата прва недела кога бев како бебе, па сè до мојата 5-та или 6-та година.
Бев одземен од страна на ЦСР Битола по пријава на соседи дека моите не можеле да се грижат за мене и подобро што завршив во дом за доенчиња и мали деца отколку на улица и на крај да завршам по лоши патишта или во затвор.
Јас кога бев во домот бев бебе и не се сеќавам на тој период од моето несреќно детство освен што имав бледа слика од моето детство, каде сум и што со мене се случува. Само ми текнува на дружењето со другите бебиња и деца без родителска грижа и без родители.
Јас исто бев одземен и тргнат од мајчинското млеко, а за оваа има големи пропусти во државата, како и во социјалните нестручни лица од секој центар за социјални грижи.
Додека сме одземени и заштитени од страна на државата, нашите биолошки родители треба да имаат право да нè посетуваат, макар и мајчиното млеко да го примиш како секое бебе, кое е доено.

Што ти беше најтешко додека растеше во дом? Во кои домови беше и на која возраст те префрлија од Битола во Скопје?
Додека растев бев во два дома - во домот во Битола, како и во домот 11-ти Октомври во Скопје. Во овој период најмногу ми фалеше, како и на секое дете, родителска грижа и љубов во потесното семејство.
Јас бев сместен и згрижен од бебе, па до мојата наполнета 18-та година.
Во домот во Битола бев згрижен и сместен од бебе на една недела старост, па до мојата 6-та наполнета година.
Кога наполнив 6 години јас не знаев со мене, и со уште двајца штитеници на домот во Битола, што се случува, каде нè носат и што понатаму.
Нè качија во автомобил Рено 4 и нè носеа од Битола за Скопје. Возењето беше хорор и страв за нас цели 3 часа, не знаевме што се случува со нас.
Најдоа транспорт и нè префрлија од еден во друг дом, наместо да се сетат стручните тимови да работат со нашите биолошки родители за да нè вратат кај нив.
Најлесно е да не се презеде ништо и да бидеме дадени во дом.
Тоа е најголемата болка за сите нас до ден денес, кои растеме без нашите биолошки родители, браќа, сестри и роднини од потесното семејство, а најболно за нас е што немаме право да не ги знаеме нашите биолошки родители, според член 123а и тоа е информација што е во службена државна тајност.
Овој закон и член 123а јас лично ќе го рестартирам и до крај, сè додека сум жив, и кога ќе бидам со бастун ќе се борам!
Мора тој член и затворената Пандорина кутија да ја отворам, за сите да имаме право да дознаеме кои се нашите биолошки родители, а ова да важи и за посвоените поранешни штитеници.

Како се справуваше со чувството на осаменост или тага? Како се тешевте еден со друг со другите деца од домот?
Многу тешко, не знаевме каде се наоѓаме, што се случува со нас и каде сме.
Сите бевме под плач, страв, разочарани и никој да не ти кажува ништо или да те прегрне... Со тек на време кога се поклопувавме и се пронаоѓавме сите заедно под еден покрив над глава и во еден исти дом, па подруга беше ситуацијата и рамо до рамо самите еден со друг се тешевме.
Те мачеше ли чувството зошто родителите те оставиле, дозна ли некогаш нешто за нив? Знаеш ли каде се денес?
Јас сè уште не можам да се помирам зошто токму ова на мене и на многу други браќа и сестри ни се случило - да растеме во дом без родителска грижа и без родители и да бидеш сам со себе во твојот живот.
До ден денес тешко ни е што сме сами и без нашите родители, а за сè треба сам за себе да одлучуваш и да се бориш во твојот живот.
Нема кој да те турне напред во твојот живот, освен нашите деца и сопруги. Семејството сега ни е пред сè и на прво место и приоритет во нашиот живот.
За жал, моите родители се починати, мајка ми ја запознав на моја 10 или 12-годишна возраст кога бев во дом.
Секој родител, дали е мајка или татко, има право да те посети додека си во дом и да те земе на 15 или 30 дена, додека се летните или зимските распусти, како и за секое дете.

Јас еден период одев во Битола... Мајка ми ме земаше и се грижеше за мене.
Ме чуваше тој временски период и нема никогаш да ѝ ги заборавам месените работи, мазник и зелник, кои ми ги правеше на селски начин, затоа што потекнува од село Агларц, битолско, каде е и погребана.
Јас еден период се повлеков од неа и иако одев често во Битола, а одев поради новото другарство кое го започнав од моето маало.
Бев прифатен скоро од сите другарки, а пред тоа тоа ме загрижуваше - како ќе бидам прифатен, а до ден денес една од двете сестри (така милувам да ги нарекувам Мимоза и Александра со кои постојано се дружев и одев често кај нив во нивниот дом, Александра ми беше најголема другарка, а нејзините родители ги сметав за мои втори родители).
Тие комплетно ме прифатија и сега фамилија Жежовци, нивната ќерка Александра ми е кума, сестра и сè во мојот живот.
Животот не знаеш што носи, јас имам и полубрат, но со него имам најмала комуникација и не сме толку блиски, а се чудам како може јас да сум во дом, а тој да расте со мојата мајка?!

Самиот себе се прашувам до ден денес, но тука за мене животот продолжува со нова страница на живеење.
Јас иако имав дел од 500m2 земјиште од покојната мајка, тој дел полубратот го продаде. Беше дел од нива и беше продаден без јас да знам, а парите ги има прокоцкано.
Јас сум семеен човек и колку и да ми е тешко, јас никогаш нема да дозволам тоа кое го купив и го изградив да го изгубам на коцка или да тргнам по лош пат, пример сум за сите, а и од мене многу треба да учаат.
Од чесност нема поубаво во животот! Ова го раскажувам бидејќи сè сум сретнал, видел и запознал во мојот живот.
Татко ми беше алхохоличар и оваа кое го раскажувам ич не се срамам, подобро да си искажеш тоа кое те мачи отколку да го чуваш како грутка во тебе и цел живот со тебе да го носиш.

Татко ми дури сакал да ми го одзеде животот со нож и да ме убие на мала возраст, тоа други ми го раскажувале...
Инаку, дали два до пет пати сум го сретнал и тоа само на негово поминување. Додека јас престојував во Битола и си играв со моите другарки на улица, мртов ладен покрај мене поминуваше.
Мимоза, Сандра, Маја, Ане и сите останати кои до ден денес ги почитувам беа моите другарки и поддршка.
Мајка ми еден период се разболе и падна во голема депресија откако ме зедоа од нејзините прегратки и на крај заврши во болница за душевни болести.
За ова го осудувам Центарот за социјални грижи во Битола до кој степен ги доведуваат нашите родители да завршуваат на крај во болести, алкохол и разочараност. Затоа се потребни системски измени и дополни на законот за одземање на родителско право.

