Даниела од Скопје е впечатлива модна дама, со страст за скап и безвременски накит
- Детали
- недела, 12 април 2026
„Од накит ретко носам бижутерија поради алергија и сакам квалитетни часовници и фин накит. Особено ме инспирира естетиката на Van Cleef & Arpels и Cartier – парчиња што се безвременски. Со текот на времето сфатив дека чантите, без разлика на цената, се инвестиција што лесно се оштетува“, вели Даниела од Скопје.

Даниела од Скопје, е дипломиран новинар и поранешна водителка на емисиите „Автомагазин“ и „Во недела Попладне“ на која хоби ѝ е работата како модел и досега има снимено неколку рекламни кампањи како за македонски компании, така и за компании во Дубаи, каде што претходно живееше со семејството.
Таа вели дека љубовта кон модата ја има откако се сеќава за себе.
Даниела за CRNOBELO.com споделува:
„Љубовта кон модата кај мене започнала уште пред да научам да зборувам. Мајка ми често раскажува дека како бебе ме смирувала со модни списанија – ги листав со часови, фасцинирана од боите, силуетите и фотографиите.

Сè што беше поврзано со мода ме привлекуваше магнетски.
На 13 години веќе зачекорив во светот на манекенството, а Fashion TV беше единствениот телевизиски канал што се гледаше дома. Ги препознавав модните парчиња и без да го прочитам името на дизајнерот.

Интересно е што, и покрај таа рана опсесија со модата, моето детство беше прилично „томбој“.
До 12-годишна возраст најчесто се дружев со постариот брат и неговото друштво, што значеше и поопуштена, машка гардероба, па и неизбежното позајмување од неговиот плакар. Во тие години тоа беше сосема нормално.

Бев многу слаба, па мајка ми ми купуваше поширока облека за да изгледам „покрупно“. Тогаш беше актуелен рап-стилот, па широките фармерки и маици природно си најдоа место во мојот орман.
На 13 години се случи пресврт. На курсот по манекенство бев избрана, единствена од групата, да потпишам договор со модна агенција.

Во тој момент, мојата перцепција за себе целосно се промени. „Грдото пајче“ конечно се претвори во лебед.

Почнав да ја прифаќам својата градба и да ја доживувам како предност, а не како недостаток. Посакав да изгледам поженствено, пософистицирано.
Курсевите ги водеше Весна Додевска – жена која за мене беше и остана вистински идол.

Од неа ги научив најважните лекции за движењето, ставот, манирите и женственоста. Но, мојата најголема инспирација отсекогаш била мајка ми – жена со беспрекорен стил, грациозност и елеганција.
Таа е тип жена што може да се вози во автобус, а да изгледа како да поседува приватен авион.

