Миа (21), наш иден хирург: „Решив да станам доктор кога на 6 години ми открија дијабетес, а по компликации од операција - хирург“
Уште од самиот почеток знаев дека не сакам само да учам напамет, туку да разберам, да истражувам и да зборувам. Да бидам глас.
Така, уште од прва година почнав да учествувам на конгреси. Некаде како пасивен слушател, впивајќи знаење, инспирација и туѓи искуства.
А некаде - како активен член. Со сопствен труд, со сопствени идеи, со храброст да застанам пред други и да кажам: „Ова е мојот придонес“.

Имав можност да објавам case reports, да навлезам во клинички приказни што зад бројките кријат човечки животи. И секој таков труд не беше само академска обврска - беше уште еден чекор кон лекарот што сакам да бидам.
Оние што ме познаваат, знаат колку го сакам јавното говорење. Знаат дека ме исполнува моментот кога зборот може да промени мислење, да поттикне дијалог, да даде надеж.
Знаат и дека лидерството за мене не значи позиција, туку одговорност. Да застанеш напред - не за себе, туку за другите.
Затоа сум бескрајно благодарна што две години по ред ја имав можноста да се кандидирам и да бидам избрана за делегат во факултетското студентско собрание.
Тоа не е титула. Тоа е обврска. Да слушаш, да зборуваш кога е тешко, да се бориш кога е полесно да молчиш.
И денес, сè уште сум таму, со истата желба, со истата борбеност, да се залагам за подобар студентски стандард, за поправеден систем.

И тогаш доаѓа прашањето што сите го поставуваат: По завршување на студиите, дали ќе продолжам како ендокринолог?
Хмм… Тоа е мојата прва љубов. Најчистата. Најискрената.
Љубов родена во детска болничка соба, меѓу инфузии, страв и надеж. Љубов кон специјалност што ми го спаси животот и ми даде иднина.
Но, животот ретко нè прашува што сме планирале. Тој има свој пат. И понекогаш, со болка, нè насочува кон нешто сосема друго. Нешто ново. Нешто што никогаш не сме се осмелиле ни да го замислиме.
За мене тоа е: Хирургија.
Минатата година, животот повторно ме удри, не нежно, туку силно. Итно. Ненадејно. Акутен апендицитис (нагло воспаление на слепото црево). Без време за страв и без време за прашања.
Но вистинската борба дојде потоа.
Благодарение на дијабетесот, мојот тивок, невидлив сопатник и истовремено непредвидлив непријател - постоперативниот пат беше тежок. Многу тежок.
Од декубитални рани до постојани абдоминални болки. Денови што се влечеа еден по еден, а јас повторно станав пациент.
Повторно клиника. Повторно ходници. Повторно чекање резултати. Повторно снимања. И повторно страв.

Во таа тишина, додека времето застануваше меѓу визити и терапии, си го поставив старото прашање:
Зошто јас?
Но, одговорот дојде брзо.
Не за да се откажам. Туку за да разберам.
Болките не поминуваа. Перзистираа. Секој ден. Секој чекор.
И на крај, одлуката беше донесена - дијагностичка лапароскопија. Не знаев што ќе најдат. Не знаев дали ќе помогне.

Но знаев едно: тоа беше мојата единствена шанса. И ја прифатив. Тогаш сфатив нешто што никогаш нема да го заборавам.
Хирургијата не е само скалпел. Таа е храброст. Одлука во момент кога нема сигурност. Преземање одговорност за туѓ живот - во секунди.
Јас тоа го гледав од кревет. Го чувствував на своја кожа. И нешто во мене се смени.
Од кревет учев нешто што ниту еден учебник не може да го научи. Како изгледа светот од страната на пациентот.
И нема да лажам - имаше моменти кога беше премногу тешко. Кога се прашував дали телото ќе издржи. Но, никогаш, ниту еднаш, не си дозволив да кажам дека ќе се откажам.

Јас знам како е да бидеш пациент со хронична болест. Знам како е кога заздравувањето не оди по план. Знам како е кога секој мал напредок е победа.
И токму затоа знам и каков лекар сакам да бидам. Лекар што нема да гледа само дијагноза.
Лекар што ќе знае дека зад секоја компликација стои човек што веќе води тивка, долготрајна борба.
Тука ќе ги споменам моите лекари од ендокринологија, кои многу ми помогнаа токму поради компликациите што ги добив од дијабетот.
Оваа година, ми овозможија да добијам една од најновите модели на инсулински пумпи, без катетери, која и тоа како ми помогна полесно и поубаво да ја контролирам гликемијата во крвта. Голема благодарност до сите нив.
Можеби мојата приказна започна со ендокринологија. Но, можеби токму хирургијата е местото каде што мојата болка добива смисла.
Зашто некои лекари се раѓаат од книги. А некои… се раѓаат од болка.
Сакам да додадам нешто што навистина ми доаѓа од срце затоа што без нив, овој пат немаше да биде ист, a тоа е...
Постојат луѓе што не само што предаваат медицина, туку ја живеат. Тоа се моите професори и асистенти.
Доктори кои со години носат бели мантили, но никогаш не ја изгубиле топлината во гласот, ниту трпението во погледот.

Луѓе што по илјадници часови дежурства, операции и одлуки од кои зависат животи, сè уште наоѓаат сила да застанат пред нас и да ни дадат дел од себе.
Тие не нè учат само анатомија, патофизиологија или терапија, нè учат како да размислуваме, како да носиме одлуки и како да бидеме луѓе пред сè.
Не нè учат само како се лекува тело, туку како се држи рака во најтешките моменти. Во нивните зборови често нема патетика, но има вистина.
Имало денови кога сум влегувала во амфитеатар исцрпена, со непроспиени ноќи зад мене, со болка што тивко постои. Но, доволно беше еден нивен поглед, едно објаснување дадено со страст, еден момент кога ќе ти кажат „размисли вака“ и повторно се раѓаш.
Тогаш сфаќаш дека не си само студент, туку нечие вложување. Нечија надеж. Тие се луѓето што не само ставаат потпис во индекс, туку оставаат трага во карактерот.
А докторите кои нè учат покрај креветот на пациентот… тие се посебна лекција. Тие ни покажуваат дека вистинската медицина не се учи само во амфитеатар, туку во тишината на болничките ходници, во погледот на пациентот, во моментите кога нема втор обид.
Јас сум навистина среќна што учам во средина каде има професори кои инспирираат, мотивираат и создаваат генерации лекари со став, етика и срце.
Сакам да ја искористам оваа можност да изразам најголема благодарност до целиот тим на Ургентниот хируршки центар и ЈЗУ УК за Дигестивна хирургија за нивната стручност, грижа и несебична посветеност. Најдобри сте!“.
Прочитајте и Елвин Шакиров (24) од Штип, иден онколог: „Majка ми на онкологија не смееше да биде само бројка, таа беше лавица“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело