Aнгела Дончева: „На 22 години ми дијагностицираа леукемија, имав трансплантација во Германија, раскрстив со стравот“
Дали денес имаш последици?
Да. И мислам дека е важно гласно да се зборува за тоа.
Животот по рак не значи дека сè се враќа на „нормално“. Телото носи свои последици – почувствителен имунитет, редовни контроли, терапии, суплементи, дополнителни трошоци што не се видливи.

И тука сакам да потенцирам нешто што ретко се спомнува. Луѓето кои поминале низ рак често имаат поголеми здравствени трошоци доживотно. Тоа не е избор, туку потреба.
Затоа би сакала да спомнам дека работодавачите, и системот, треба да имаат повеќе разбирање. Повеќе флексибилност. Повеќе поддршка за тие луѓе.

Зборувам за услови во кои човек што поминал низ таква борба ќе може достоинствено да живее и да работи, без дополнителен притисок, со повеќе разбирање и можност за одредена поддршка од државата и приватниот сектор.

Дали имаше моменти кога се чувствуваше обесхрабрено?
Имаше многу такви моменти. Не бев секогаш позитивна. И не треба и не може човек да биде.
Понекогаш силата е само во тоа да го издржиш денот.

Мене ме држеше визијата за иднината. Сонував што ќе правам кога ќе оздравам. Како ќе се движам. Како ќе се смеам. Како ќе создадам нешто свое.
Тие соништа ме одржаа жива и психички добро.

Како болеста ти го промени погледот кон животот?
Болеста ми го скрати стравот. Кога ќе ме прашаат дали имам страв од нешто, се мислам што да одговорам, зошто мислам дека скоро и не постои.
Болеста ме научи дека времето не е бескрајно и дека не смееш да го одложуваш тоа што ти значи. Ме научи дека луѓето се менуваат, дека не сите остануваат во тешки моменти.

Кога еднаш ќе се соочиш со најтешкото, сфаќаш дека многу од работите од кои сме се плашеле во секојдневието се всушност мали.
Не велам дека сега немам грижи и дека секогаш сум смирена, секој период носи свои проблеми, но пробувам да контролирам за што ќе одделам енергија.
Болеста ме направи исто да бидам поодговорна кон себе, да имам многу повеќе почит према себе. Почнав да го слушам и почитувам телото, да внимавам како живеам, што јадам, како се движам, како размислувам.

Ми даде дисциплина, но и длабока благодарност.
Денес сум поинаква, во некои работи подобра, во некои можеби не…

