Aнгела Дончева: „На 22 години ми дијагностицираа леукемија, имав трансплантација во Германија, раскрстив со стравот“
Како изгледа твојот живот денес, осум години подоцна?
Осум години подоцна, мојот живот изгледа поинаку од тоа што некогаш го замислував, но можеби токму затоа е поисполнет и поинтересен.
Живеам посвесно и со поголема почит кон телото и умот. Денес немам страв од работите што порано ме плашеле и научив да ги прифаќам сите делови од животот, и светлите, и темните. И благодарна сум за тоа.
Од таа благодарност се роди HUMN – бренд за спортска и секојдневна облека за жени.

Да бидеш човек значи да бидеш во центарот на својот универзум, да го искусуваш животот во сите бои и потенцијали.
HUMN е прв македонски бренд и потсетник дека човечкото во нас е најголемата сила. Дека сме повеќе од дијагнози, повеќе од лузни, повеќе од стравови.
Бренд кој е роден од желбата да ја мотивира и поддржува секоја жена.

Оваа година имам визија што ми е многу блиска до срцето, да создадам велнес студио, место каде што ќе можеме да се вратиме кон себе преку движење.
Не место каде ќе се брка совршеност, туку место каде ќе се гради однос со сопственото тело со почит, благодарност и позитивна енергија.
Затоа што јас се вратив кон себе токму преку движењето и верувам во тоа дека секој заслужува таков простор.

Што би им порачала на луѓето кои моментално се борат?
Дозволете си да се исплашите, тоа е човечки. Не морате да минувате сами низ тој трнлив пат. Побарајте некој што ќе ве слушне, некој што ве разбира или некој кој поминал низ слично.
Стојте на нозе, со чисто срце и чисти мисли, и продолжете да верувате дека дури и најтешките денови ќе поминат.
А ако некогаш ви треба простор да споделите, да ве слушнат или само да знаете дека не сте сами, јас сум тука и може да ми се обратите.
И запомнете: тешките времиња не се казна, туку се дел од патот.



©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
